Забранет влез за Британци во Германија

LinkSense.mk

Германија вечерва, поради страв од варијантата омикрон, и се придружува на Франција и ги затвора своите граници за повеќето патници од Велика Британија. Повеќето патници од Обединетото Кралство нема да смеат да влезат во земјата, освен германските државјани и резидентните жители, но и тие ќе мора при преминувањето на границата да имааат негативен тест и да поминат две недели во карантин, без разлика на тоа дали се вакцинирани. Слични мерки веќе воведе и Франција.

Институтот Роберт Кох ги воведе овие нови ограничувања затоа што Велика Британија ја прогласи за подрачје со висок ризик од ширење на Ковид-19. Покрај Британија, на листата на земји со висок ризик се и Данска, Франција, Норвешка и Либан, а патувањата од овие земји, исто така, ќе бидат ограничени.

Да потсетиме, вчера во Британија се регистрирани 90.418 нови случаи на инфекција со Ковид-19.

Британските научни советници предупредуваат дека, доколку не се воведат дополнителни мерки, во Англија може да има по 3.000 хоспитализации дневно.

Иако бројот на нови случаи на корона вирус во Германија е помал отколку во Велика Британија, во пораст е бројот на смртни случаи како последица од инфекцијата.

Така, Германија, во петокот забележа 437 смртни случаи поврзани со Ковид-19, пишува Би-Би-Си.

Германскиот министер за здравство, Карл Лајтербах, рече дека очекува варијантата омикрон да покрене „масовен петти бран“ на пандемијата, додавајќи дека земјата мора да се подготви за предизвик „каков што досега не сме виделе“.

Француските власти во саботата, поради загриженоста од омикрон, го забранија пристигнувањето на британски туристи.

Според новите правила, на граѓаните на Обединетото Кралство сега им е потребна „оправдана причина“ за да влезат во Франција и не им е дозволено да патуваат за туристички или деловни цели. Од оваа одредба се изземени превозниците и француските државјани.