Заврши самитот на НАТО: Имаше недоразбирања, но не и раздор

LinkSense.mk

Дводневниот самит на НАТО во Брисел заврши, а веќе после првиот ден стана јасно: недоразбирања имаше, но потполн раздор нема, пишува денеска Дојче веле и додава дека после лутиот говор на претседателот на САД, Доналд Трамп, учесниците на самитот постигнале договор за заедничка завршна декларација.

Голем раздор во Алијансата, од што многумина со недели се плашеа, на крајот изостана. Доналд Трамп не најави повлекување од Сојузот, ниту повлекување на американските војници од базата во Германија, констатира Дојче веле.

После утринската вербална расправа на претседателот на САД, кога на мета пред се била Германија, тој во текот на пленарното заседавање се задржа на вообичаените критики. Издвојувањата на партнерите за одбрана се релативно мали и сите впрочем би требало да издвојуваат четири отсто од БДП-то, како САД, наместо ветените два – што сите не го ни исполнија.

Но тоа, смета Дојче веле, пред се би требало да се сфати како некоја врста на шок потег – ниту од еден од учесниците не се очекува да го исполни тој услов.

Без оглед на тоа, Доналд Трамп, според изјави на учесници на самитот, не го доведува во прашање воениот сојуз.

Од кругови на француската се информациите дека Трамп на учесниците на самитот им упатил позитивни и конструктивни пораки. Од британски извори, пак, стигнува информацијата дека Трамп мошне позитивно се изразил за Европа.

„Имаше дискусии, имаше разидување во мислењата“, рече по завршетокот на самитот генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, оценувајќи дека тоа во историјата на Алијансата секогаш го имало и дека е најважно на крајот да се постигне решение.

Тоа што е договорено, во голема мера одговара на заклучоците на самитот во Велс во 2014 година. Дипломатите на НАТО со недели внимателно ја подготвуваа заедничката декларација. Шефовите на владите на земјите членки потврдија дека се одлучни во тоа во наредните пет години да ја остварат целта за издвојување на два проценти од бруто националниот производ за одбрана. Дополнителни ветувања немало.

Имало неколку конкретни заклучоци, како што е поканата Македонија да ги почне пристапните преговори со НАТО, после конечното решение на спорот околу името.

Во Ирак би требало да биде испратена нова мисија за обука која ќе ја предводи Канада.

Од двете нови главни бази, една би требало да биде изградена во германскиот град Улм.

Германската влада притоа особено го нагласува доприносот кој го дава Сојузот, покрај директните трошоци за вооружување. Така би требало да се согледа величината на воените сили ставени на располагање, како и вклученоста во мисиите, наведува германската страна.

Меѓутоа, на тие два отсто Берлин гледа како на нешто што треба постепено да се исполни, а не овој момент.

Во завршната декларација се и вообичаени предупредувања на дестабилизирачкото влијание на Русија, на која официјално и се припишува и нападот со нервен отров во Солсбери.

Истакната е и загриженост поради засилените ракетни тестови во Иран, како и поради „дестабилизирачките регионални активности“ на Техеран, што се однесува на военото мешање во Сирија.

Оние кои очекуваа дека Трамп своите анти-германски ставови ќе ги продолжи и во текот на разговорите со канцеларката Ангела Меркел, многу погрешија.

После претпладнето кога агресивно со лажни факти се нафрли на Германија, Трамп го смени тонот за 180 степени:

„Ние имаме многу добар однос со канцеларката, прекрасна врска со Германија, остваривте голем успех за што искрено ви честитаме. И верувам дека нашата трговија ќе се зголеми, како и многу други работи.“

За прашањата за одбраната не станало збор. Состанокот со Меркел, Трамп го искористил за својата омилена тема – европскиот и германскиот извоз во САД. Притоа се разговарало за автомобили, но и за фармацевтски производи, затоа што претседателот неодамна воочил проблем со високи цени на лековите во Америка.

Ангела Меркел јасно нагласила дека на Европа не и е во интерес ескалација на каков и да е проблем кога станува збор за трговијата. Таа потсети дека наскоро во Вашингтон ќе отпатува претседателот на Европската комисија за да продолжат преговорите на таа тема.

Станало збор и за мигрантската криза: канцеларката на американскиот претседател му го објаснила обидот на Унијата, преку партнерство со Африка, на проблемот да му се пристапи во матичните земји на мигрантите. Изнела свој став за политиката на Русија, ситуацијата во Украина и претседателот Путин. Меркел, се разбира, ги отфрлила тврдењата на Трамп за германскиот увоз на енергенси од Русија: Германија добива само околу девет отсто од енергијата од Русија, а не 60 до 70 отсто, како што непосредно пред тоа, без аргументи, тврдеше Трамп.

Разговорот со Трамп го сумираше мирно: рече дека е задоволна што се укажала прилика за разговор.

Објасни дека се разговарало за економските прилики, миграцијата, за прашања за идната трговија и за „претстојните патувања на претседателот“.

„Понатамошната размена со САД е важна затоа што сме партнери и затоа што сакаме продолжување на соработката“, Ангела Меркел

Повеќе пред микрофоните на новинарите не сакаше да зборува.

Во секој случај, разговорот протекол во нормална атмосфера, без понатамошни испади на Трамп. А тој на германската канцеларка дури и пренел и поздрави од своето семејство.

Делува, забележува Дојче веле, како за само еден ден американскиот претседател на самитот на НАТО, дека се врати на нормалната температура. Претпладне ја напаѓаше и обвинуваше – подоцна неговиот настап беше во рамки на очекуваното. Раздорот помеѓу Европа и САД не се случи, од што стравуваа многумина.

И состанокот на Трамп со францускиот претседател Емануел Макрон опишан е како пријателски и опуштен.

Макрон го претрка претседателот на САД за средбата со Владимир Путин, со кого треба да се види во недела во Москва на финалниот натпревар на Светското фудбалско првенство Франција-Хрватска, наведува Дочје веле.

 

Китаровиќ: Успешен самит, НАТО се фокусира и на јужното крило

Хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ оцени дека самитот на НАТО бил многу успешен, иако на моменти било многу тензично поради инсистирањето на Доналд Трамп да се забрза зголемувањето на давачките за одбраната.

Таа изрази задоволство што НАТО конечно се фокусира и на своето јужно крило, а не само на исток, затоа што од југот доаѓаат многу закани, како доаѓање на терористи и радикални групи кои би ги радикализирале нашите општества во која било насока.

 

„Многу важно е ширењето на НАТО. Македонија конечно доби покана и сакаме постапката за нејзиното пристапување да се заврши што е можно поскоро“, Колинда Грабар Китаровиќ

 

Разочарана е дека повторно не е активиран Акцискиот план за Босна и Херцеговина.

Таа смета дека барањето на Трамп да се издвојуваат четири отсто од БДП-то за одбрана било изненадување затоа што постои договор за два отсто до 2024 година.

Хрватската претседателка разговарала и со Ангела Меркел, но повеќе за регионални прашања, посебно за состојбата во БиХ и изборите кои оваа есен треба таму да се одржат, како и за односите на Хрватска и Србија.