Завршна конференција на проектот „Правна заштита на избирачките права” ќе се одржи денеска во Скопје во организација на Институтот за правни и политички истражувања, со поддршка од Амбасадата на Соединетите Американски Држави и
Амбасадата на Кралството Холандија.
Проектот ги опфати локалните избори одржани во октомври 2017 година, референдумот одржан во септември 2018 година и претседателските избори одржани во април и мај 2019 година, при што главниот фокус на проектот е ставен на зајакнувањето на заштитата на слободното остварување на избирачкото право преку преглед, селекција, подготовка и поднесување случаи во врска со разни повреди на избирачките права до релевантните институции, како и спроведување анализа на законската регулатива што е релевантна за избирачкото право, со цел да се придонесе во спроведувањето на ревизијата и подобрувањето на Изборниот законик.
Крајната цел, како што велат од Институтот за правни и политички истражувања, е да се документираат и профилираат повредите на избирачкото право и да се идентификуваат евентуалните системски недостатоци што имаат потенцијал да спречат соодветно ниво на превенција и заштита, при што главниот фокус е ставен на активното избирачко право на граѓанинот, односно правото да се гласа.
На конференцијата ќе се презентираат резултатите од проектните активности и публикацијата „Правна заштита на избирачките права” во авторство на Јелена Ристиќ, директорка на проектот, при што свое обраќање ќе имаат и министерката за правда Рената Дескоска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, народниот правобранител Иџет Мемети, американската амбасадорка Кејт Брнс, холандскиот в.д.
амбасадор Андри ван Менс и поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права Мирјана Лазарова-Трајковска.
На конференцијата ќе учествуваат и амбасадорот на ОБСЕ Клеменс Која, претставници на правосудството, невладиниот сектор и меѓународните организации.







