Заев- Бомгартнер: Поддршка за евроатланскиот развој и за политиките на соработка и разбирање

Претседателот на Владата се сретна со Сирил Бoмгартнер, новиот амбасадор на Француската Република во нашата држава.

На состанокот е констатиран видлив напредок на Република  Македонија во последниве неколку години, во насока на воспоставувањето и почитувањето европски вредности. Притоа, изразено е очекување дека државата ќе продолжи по тој пат и во иднина. Француската Република го поддржува евроатланскиот развој на Република  Македонија, во духот на политиките на соработка и разбирање што ги застапува нашата држава, како што изјави и вчера претседателот Макрон на Самитот во Софија.

На средбата е разговарано и за конкретните чекори што се преземаат со цел интензивирање на билатералната соработка помеѓу нашата држава и Франција, преку делување на Француската агенција за развој во Скопје. Оценето е дека постои зголемен интерес на француски компании за инвестирање во земјава и дека со тоа се отвора широко поле за соработка во областа на економијата, здравството, животната средина, енергетиката, земјоделството.

Премиерот Заев изрази благодарност до претседателот Макрон и до граѓаните на Франција за поддршката во евроатланските интеграции на нашата држава, како и преку европските фондови, коишто се од големо значење за реализацијата на проектите за современа, европска инфраструктура. Исто така, премиерот Заев упати покана до францускиот претседател Макрон, за посета на нашата држава.

„Ние сме силно фокусирани на воспоставувањето европски вредности во нашата држава и на развојот на економијата, што носи бенефити за граѓаните. Поддршката од искрени пријатели, како што е Француската Република, многу ни значи. Покажавме дека со политиките на дијалог имаме конструктивна улога во европскиот и економскиот развој на регионот и продолжуваме да работиме во таа насока“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, најави учество на утрешниот париски Самит за мир, со што, како што рече, Република Северна Македонија уште еднаш потврдува дека јасно стои зад стратешките определби на Европа, за политики на пријателство, соработка и меѓусебно разбирање со цел придонес и обезбедување мир во светот.