Претседателот на Владата, Зоран Заев изјави дека верува дека помеѓу две земји, кои што се пријатели и имаат намера да бидат уште поголеми пријатели, ќе се изнајде решение каде што ќе се сочува достоинството на двете страни, и буквално ќе биде придобивка за иднината на граѓаните на двете земји, околу спорот со името.
„За суштината на предлозите, на разговорите, на рамката која што е испорачана, не би требало јавно да зборуваме, да не ги уништиме шансите на преговорите. Гледате дека се води транспарентен процес, знаете дека сакаме со национален консензус да го изградиме решението на ова прашање и на крајот граѓаните на референдум да го потврдат.
„Јас сум убеден дека ако бидеме внимателни, ако водиме грижа дури и за грчката страна, а грчката страна да води грижа за нашата страна, верувам дека ќе се изнајде решение за ова прашање кое што еве 25 години не измачува пред се нас, граѓаните на Република Македонија“, рече Заев.
Претседателот на Владата потврди дека на 24-ти јануари во Давос ќе се сретне со грчкиот премиер Алексис Ципрас.







