Заев во Брисел го бара ветеното од ЕУ, евроинтеграција на Македонија

Премиерот Зоран Заев денеска во во Брисел ќе има средби со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, со претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, со извршниот потпретседател на ЕК, Франс Тимерманс и со еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји.

На средбите на кои Заев ќе биде придружуван од вицепремиерот Никола Димитров и шефот на дипломатијата, Бујар Османи, се очекува да се разговара за пристапниот процес на Македонија кон Европската Унија, за бугарското вето, но и за последните изјави на еврокомесарот Вархеји дека е можно раздвојување на Скопје и Тирана на европскиот пат.

Вархеји, минатата недела, прво при посетата на Скопје, а потоа и во изјава за „Еуроњуз“ кажа дека е можно Брисел да ги отвори пристапните преговори само со Албанија, доколку остане бугарското вето и не се најде заедничко прифатливо решение меѓу Македонија и Бугарија.

Еврокомесарот веднаш потоа беше демантиран од високи функционери на Германија и на Словачка, кои рекоа дека во Унијата не се подготвува раздвојување на Македонија и Албанија.

Германија, Словачка и Австрија, но и некои други членки на ЕУ стојат цврсто на ставот дека Македонија и Албанија заедно треба да ги почнат преговорите.

Премиерот Заев пред заминувањето за Брисел порача дека очекува Европската унија да ги потврди европските вредности и да го испорача тоа што го вети за спроведените реформи во Македонија. Во изјава за „Еуроњуз“ вели дека кандидатурата на Македонија е тест за кредибилитетот на Унија на Западен Балкан, за тоа дали таа ќе ги одржи ветувањата.

Во интервју за „Катимерини“, пак, во контекст на бугарската блокада, Заев нагласи дека за Македонија и за македонскиот народ, неприфатлива е каква било интервенција во идентитетот.

„Во 21 век да ја одредуваш историјата на друга нација не е во согласност со европскиот дух, бидејќи треба заедно да градиме иднина“, потенцираше македонскиот премиер.

Во агендата на Заев за време на денешната посета на Брисел е средба и со Аугусто Сантош Силва, министер за надворешни работи на Португалија, земја членка и актуелен претседавач со Унијата.

Серијата разговори ги почна синоќа со средба со Мирослав Лајчак, специјален претставник на ЕУ за дијалогот Белград – Приштина. Двајцата се согласиле дека Македонија го одработи својот дел од обврските и оти е време Европската унија, без одложување, да го испорача ветеното, бидејќи секоја поинаква одлука ќе го наруши нејзиниот кредибилитет во државите од Западен Балкан.

Предвидени се средби и со европарламентарците Дачиан Чолос, претседавач на групата „Europe Renew“ и со Илхан Ќучук, известител на ЕП за Македонија.

Од Брисел, Заев заедно со Никола Димитров ќе отпатуваат за Мадрид, а потоа за Атина.

 

(Фото: МИА)