Заев во Рим на средба со Конте па во Брисел на проштална вечера со Могерини

Премиерот Зоран Заев денеска во Рим ќе има средба со претседателот на италијанската Влада, Џузепе Конте, по што ќе замине за Брисел каде што ќе учествува на прошталната работна вечера на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини со лидерите на земјите од Западен Балкан

Заев е во посета на Рим на покана од Конте, кој по состанокот на Европскиот совет во Брисел на кој беше одложена одлуката за старт на преговорите со Северна Македонија, најави дека ќе побара повторно отворање на прашањето за проширување на ЕУ во ноември.

Заев минатата недела во ТВ интервју потврди дека со Конте ќе разговараат за проширувањето што треба да биде тема на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК), најавен за 19 ноември.

Премиерот на Италија, Џузепе Конте, по состанокот на европските лидери во Брисел на кој не беше донесена одлука за старт на преговрите со Скопје и Тирана, оцени дека тоа е историска грешка. Најави дека ќе побара да се поправи грешката и повторно да разговара за датумот за преговори со Северна Македонија и за Албанија веќе во ноември.