Заев: Истрагата ќе покаже се‘ за Рашковски

„Никој не е над законот, ниту е заштитен зашто е носител на некоја функција, но никој не е ниту виновен додека тоа не се докаже“, повтори денеска премиерот Зоран Заев во врска со поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.

Заев подвлече дека како и за сите институции, така и за премиерот, министрите и генералниот секретар има контролни механизми.

Тој останува на својот претходно искажан став за Рашковски, но, како што рече, истрагата треба да ги даде резултатите.

„Прво е Државниот завод за ревизија, второ е Антикорупциската комисија која ја има под мониторинг Владата, на крајот се истражните органи, Јавното обвинителство и судовите. Постојат контролни механизми, сигурно има и други институции надлежни во однос на јавните институции. Така и за генралниот секретар. Тој не е ни повеќе ни помалку од останатите. Се прават редовни, но и ад-хок контроли. Во Владата многу често е присутна контрола за економски криминал, зашто јавноста бара, присутна е контрола за организиран криминал, а постојано истражува и Антикорупциска“, истакна Заев.

Според него, транспарентноста и отвореноста на Владата која им овозможува увид на сите, не само на новинарите, денес е огромна предност за земјата.

„Ве повикувам да го прочитате Деловникот за работа на Владата и Законот за Влада. Ќе ги видите јасно опишани надлежностите на генералниот секретар. Тој управува со Владата, владиниот Кабинет и со Генералниот секретаријат. Од тука може да се види од каде се црпат надлежностите за одредени постапки како софтверски решенија, анализи, студии, набавки на опреми“, објасни Заев.