Заев: Македонскиот јазик со својата посебност е признат во целиот свет

Оваа Влада искрено и силно е посветена во негувањето и унапредувањето на македонскиот јазик, бидејќи нашиот јазик е нашиот национален и културен идентитет, напиша на Фејсбук премиерот Зоран Заев, по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, кој Владата пред две години го прогласи за празник во чест на 5 мај 1945 година кога е донесено Решението на Президиумот на АСНОМ за усвојување на азбуката на македонскиот јазик.

Наведува дека за унапредување на македонскиот јазик, Владата иницираше измени и дополнувања на Законот за употреба на македонскиот јазик и ги слуша, како што вели, сите забелешки и сугестии во насока на негова промоција. Посочува и дека Владата ја продолжува поддршката на голем број книжевни дела од издавачката дејност на Институтот за македонски јазик, како придонес за збогатувањето и унапредувањето на македонскиот јазик.

Нашиот македонски јазик ги помина сите фази на создавање и кодификација, на пробив и препознавање, и денес со својата посебност е признат во целиот свет, впишан во личната карта на нашата држава во големото семејство на народи и на земји членки на Обединетите нации, пишува премиерот.

Потсетува дека 2021 е година во знакот на 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската култура – Блаже Конески, како најзаслужен за утврдувањето на македонскиот стандарден јазик.

Токму во чест на Џинот од Небрегово, чие дело е светски признато ова одбележување, е дел од Календарот на важни меѓународни јубилеи поддржани од страна на УНЕСКО, додава Заев.

Во објавата на Фејсбук премиерот наведува дека на македонски јазик се школувале, се школуваат и ќе се школуваат генерации успешни академици, доктори, инженери, новинари, културни работници… и дека тоа е јазикот кој се изучувал на триесетина универзитети низ светот.

Македонски јазик е јазикот на Блаже Конески, Гане Тодоровски, Даница Ручигај, на Анте Поповски, Славко Јаневски, Матеја Матевски, Ката Мисиркова-Руменова, на Петре М. Андреевски, Видое Подгорец, Оливера Николова и на плејада други подоцнежни и сегашни литерати кои низ годините наназад оставија илјадници книги напишани од нивното македонско перо. Сѐ дури постои македонскиот јазик ќе постојат и Македонците, сѐ дури постојат Македонците ќе постои и македонскиот јазик. Тие две нешта не можат едно без друго, затоа што тие постоеле, постојат и ќе постојат во убава и нераскинлива симбиоза, напиша Заев на својот фејсбук-профил.