Заев на средба со Ахмети по првите 100 дена од мандатот: Имаме стабилна Влада на граѓаните

Премиерот Зоран Заев на Фејсбук објави дека се сретнал со коалицискиот партнер во Владата, лидерот на ДУИ Али Ахмети, со кој направиле пресек на сработеното и остварените резултати по 100 дена од мандатот на Владата.

Средбата, како што напиша Заев, се одржала во пресрет на денешниот состанок на широката владина коалиција.

„После 100 дена од мандатот на Владата правиме пресек на сработеното и остварените резултати на централната власт и на парламентарното мнозинство. Имаме Влада на граѓаните, стабилна, бидејќи се потпира на здрави вредности, на грижа за другиот, на разбирање и поддршка во тешки моменти. Имаме Влада која е сериозно посветена на правната држава, на економијата и на справувањето со пандемијата“, напиша Заев
на својот профил на Фејсбук.

Тој истакнува дека во пресрет на денешниот состанок на широката владина коалиција му искажал благодарност на Ахмети за поддршката во процесот на преговори со Бугарија.

„Во очи на денешниот состанок на широката владина коалиција, ми беше чест да му посакам добредојде во Владата на претседателот на ДУИ, Али Ахмети и да му искажам голема благодарност во мое лично име и во име на македонскиот народ за поддршката која ја дава во процесот на преговори меѓу Северна Македонија и Бугарија“, наведува Заев.

Во одделна објава Ахмети исто така напиша дека зборувале за првите 100 дена од формирањето на Владата и за понатамошните чекори кои што ќе бидат преземени.

„Цениме дека напорите на коалицијата треба да продолжат и да останат во иста насока, поддржана од граѓаните и меѓународната заедница“, напиша Ахмети, прецизирајќи дека со Заев зборувале на темите: грижа за јавното здравје и борбата со Ковид-19, помошта за економијата, поддршката за претпријатијата и платите на работниците, меѓувладината конференција со Европската Унија и контекстот со Договорот за добрососедство.