Заев на средба со менаџментот на првата јужнокорејска инвестиција во земјава, вредна 30 милиони евра

Делегација предводена од менаџментот на глобално реномираните компании „Дура аутомотив системс” и „Алмак“ одржа работна средба со премиерот Зоран Заев, на која беше презентиран нивниот нов инвестициски проект во земјава.

Средбата, како што информираат од владината прес-служба, е во пресрет на утрешното официјално стартување со инвестициските активности на двете компании кои донесоа одлука за заедничка инвестиција во Технолошо-индустриската развојна зона – Скопје 2.

„Станува збор за нова инвестиција во висина од 30 милиони евра за изградба на најсовремен објект каде ќе се одвива напредно производство и склопување на технолошки компоненти за автомобилската индустрија, прецизираат од Владата и нагласуваат дека почетокот на производството се планира за следната година.

Компанијата од Јужна Кореа, „Алмак“, ќе има мнозински удел во заедничкиот инвестициски проект од 70 отсто, а главна причина за нивната одлука за инвестирање во Северна Македонија, како што беше истакнато на состанокот, е позитивното искуство на нивниот бизнис партнер „Дура аутомотив системс“, кои ја потврдија одличната деловна клима во земјава и можноста за долгорочно планирање и развој на заедничкиот проект.

Премиерот Заев, додаваат, ги поздрави заложбите за инвестиции во земјава, кои значат имплементирање на врвна технологија и нови добро платени вработувања, што ќе влијае на севкупниот економски раст.

На средбата во Владата, присуствуваа и директор на ТИРЗ Јован Деспотовски, како и директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Дејан Павлески.