Заев: Овие избори не се ниту за ВМРО ниту за СДСМ, овие избори се за вашите деца и внуци

„Ова вечерва е нешто многу повеќе од Скопје, ова е нешто поголемо од митинг, ова е Македонија“, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев пред присутните на митингот што вечерва се одржа пред владата на Македонија.

„Рацин вечерва во секој од нас вели: Силно светнал ден! Ние можеме, ние веруваме, имаме надеж, имаме визија, имаме план за живот во Македонија. И ќе има живот во нашата Македонија. За само седум дена ќе светне утрото кога ќе го почувствуваме животот. Ви го отворам срцето, слушнете го тој гласен шепот на благодарност кон сите вас и кон својата земја. Ве тепаа, ве омаловажуваа. Вие сте вистински херои, нема херои без лузни. Другари, вредеше, вредеше, ја добивме најголемата битка за секој наш граѓанин“, рече Заев.

sdsm-skopje

Предводникот на социјалдемократите и носител на листата на пратеници во четвртата изборна единица пред илјадниците собрани од цела Македонија го претстави Планот за живот на Македонија.

„Доаѓа време кога никој нема да стравува за ништо. Барам од секој од вас да го препознаеме овој историски момент на прекршување, кога режимот пука, се раѓа живот“, порача Заев и додаде:

„Ова не е обична изборна кампања, Овие избори не се ниту на ВМРО ниту на СДСМ, овие избори се за вас за вашите деца, внуци. Оваа „или-или“ не е обично, тоа значи пропаст или живот.

sdsm-skopje-2

Заев се обрати и кон постарата популација во државата.

„Какви планови иамвте за своето внуче, сигурно се сеќавате. Каде ви се сега внуците? Има ли нешто што може да ја дополни таа празнина. Има, пенкалото во вашите раце на 11 декември“, им порача Заев.

На крајот, Заев рече:

„Нашиот глас во недела ќе биде глас за овој План што носи живот. За правично, праведно и еднакво општество за сите. За општество кое ќе биде посветено на граѓаните, а не на функционерите. Одлучни сме – секој е еднакво важен. Гласот на секој од нас е глас за Македонија за сите!“

sdsm-skopje-3