Заев: Полицијата не смее да се политизира, таа е заштитник на сите граѓани

„Да се биде заштитник и пријател на граѓаните е голема обврска, но и огромна чест која им е доверена на полициските службеници“, напиша премиерот Зоран Заев на својот профил на „Фејсбук“, честитајќи и го Денот на македонската полиција.

„Во период кога се справуваме со сериозна закана од глобалната пандемија, од самиот почеток на оваа здравствена криза полицајците се во првите редови во борбата против корона вирусот. После сите премрежија и предизвици со кои се соочија службите во Министерството за внатрешни работи, денес може слободно да кажеме дека успеавме да ја вратиме основната функција на оваа служба – еден од столбовите кој ја гарантира државноста, основа на безбедноста и во исто време полиција – пријател и заштитник на граѓаните“, наведува Заев во фејсбук-статусот.

Тој порачува дека само со професионализирани и деполитизирани служби може да се гради систем кој ќе ги осигура основните функции на полицијата, кои, како што вели, никогаш повеќе не смеат да бидат злоупотребени во политички цели.

„Упатувам искрени честитки до сите полициски службеници за посветеноста и пожртвуваноста при вршењето на должностите и работните обврски, како и до сите граѓани по повод Денот на македонската полиција и заедно да ја унапредуваме службата во сервис и заштитник – пријател на граѓаните“, пишува во честитката на
премиерот.