Заев: Членството во ЕУ нема алтернатива

„Не станува збор просто само членството во ЕУ, за нас клучна цел европеизацијата на нашата земја. Покажавме вистинска посветеност на овој процес и покрај тоа што од 2005 година сме земја кандидат и 16,5 години чекаме да се случи следниот чекор. На
јасно сме дека до членството ќе поминат можеби уште пет, седум или 10 и повеќе години, но ЕУ е неопходно да ги исполни своите ветувања, да ни овозможи да го направиме следниот чекор“, истакна премиерот Зоран Заев во емисијата „Конфликт зоун“ на „Дојче веле“ на англиски јазик, наведувајќи притоа дека за жал ЕУ не го испорача ветувањето пред граѓаните на Република Северна Македонија и оти сега
разочарувањето е навистина големо.

Заев посочи дека европеизацијата и членството во ЕУ немаат алтернатива, пред се поради вредностите на Унијата кои, како што вели, значат подобра и просперитетна иднина, но, додаде дека земјите од Западен Балкан, кои се како своевиден остров оставен во ЕУ, на овој начин се оставаат на можноста да се соочат со други влијанија.

Во однос на нашиот европски пат со Албанија, премиерот Заев истакна дека станува за збор за спојување од практична причина, при што наведе дека секоја земја треба да се оценува самостојно, иако во слична ситуација се најдовме пред неколку години, но во обратна насока кога патот на Тирана беше блокиран.

Премиерот Заев посочи дека оваа Влада преку Договорот од Преспа со Грција и со Договорот за добрососедство и соработка со Бугарија успеа во еден европски манир да реши децениски прашања.

Во насока на европеизацијата на нашата земја, премиерот Заев истакна дека државата е позитивен пример во регионот како мултиетничка и мултиконфесионална функционална демократија.

Ние, вели тој, остануваме лидери во европеизацијата на земјата, а кога ЕУ ќе реши да ни испорача почеток на преговори бидејќи ние тоа го заслужуваме – можат да ни се јават.

„Кога ќе решат да ги направат следните чекори и да ни испорачаат почеток на преговори за Северна Македонија, бидејќи ние тоа го заслужуваме, можат да ни се јават. Шеснаесетипол години чекање со сè низ што поминуваме е премногу траума, а имаме 12 позитивни препораки од Европската комисија“, истакна Заев.

Тој потсети дека самата Европската комисија минатиот месец ja оцени Република Северна Македонија со највисок резултат заради остварените 63 проценти од заклучоците за реализација на Програмата за економски реформи и тоа во последниот извештај за земјите од Западен Балкан и Турција нé прави најдобрата земја, лидер на Балканот по остварени реформи.

Ние сме подготвени, рече премиерот Заев, и додаде дека во меѓувреме Северна Македонија ќе продолжи со европеизацијата.

Во однос на пречките со Бугарија на нашиот европски пат, тој изрази оптимизам дека по формирањето на политичка Влада во Софија се отвора можност за надминување на овие прашања и посочи дека Владата на Северна Македонија го задржува курсот на посветеност и пријателство.