Заев ќе се сретне со Трамп и со Гутереш

LinkSense.mk
Премиерот Зоран Заев од вчера до 23 септември присуствува на генералната дебата на Генералното собрание на Обединетите нации, кое оваа година се одржува по 72. пат, во седиштето на ОН во Њујорк, САД.
Како што соопштуваат од владината прес-служба, премиерот Заев за време на работната посета на ОН и на САД ќе биде придружуван од висока владина делегација, во која ќе бидат министерот за надворешни работи Никола Димитров и министерот без ресор, задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми.

Заев ќе присуствува на свеченото отворање на Генералното собрание на 19 септември и ќе има обраќање на пленумот на генералната дебата на 22 септември.

Свое излагање премиерот Заев ќе има на тематската конференција „Отворено владино партнерство“ и ќе учествува во работата и на други тематски панели за време на овој светски собир на претседатели на држави и шефови на влади, со кои ќе претседаваат претседателот на Франција, Емануел Макрон, потпретседателот на САД, Мајк Пенс, министерот за надворешни работи на Обединетото Кралство, Борис Џонсон, и министерот за надворешни работи на Холандија, Берт Коендерс.

За време на Генералното собрание на ОН, претседателот на Владата ќе има работна средба со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, како и повеќе други билатерални средби, меѓу кои и со премиерката на Норвешка и со премиерите на Малта и на Белгија.

Според распоредот на престојот на Генералното собрание на ОН, премиерот Заев ќе има средби и со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, со високата претставничка за надворешна политика и безбедност на Европската Унија, Федерика Могерини, и со комесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан.

Премиерот Заев ќе ја предводи владината делегација и на повеќе други средби за запознавање и приеми, на кои ќе присуствуваат или ќе бидат домаќини претседателот на САД, Доналд Трамп, премиерот на Јапонија, Шинзо Абе, како и премиерите или министрите за надворешни работи на Германија, Хрватска, Виетнам и на Непал.

Во рамките на посетата на Њујорк, претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, ќе оствари средби и со претставници на дијаспората во САД, со бизнисмени од САД, ќе зборува пред реномираниот Совет за надворешни односи, а ќе учествува и на Глобалниот бизнис-форум на Блумберг, на кој ќе учествуваат шефови на држави и влади, како и претставници на најголемите светски компании.

За време на одржувањето на 72-то Генерално собрание на ОН, министерот за надворешни работи Никола Димитров, ќе има билатерални средби со министрите за надворешни работи на земји-членки на ЕУ (Ирска, Естонија), со шефовите на дипломатиите на Канада и на Индонезија, како и со претставници на Министерството на Мексико и на Стејт департментот на САД.

Министерот Димитров ќе оствари средба и со генералниот секретар на ОБСЕ, Томас Гремингер, и ќе учествува во работата на повеќе панели и различни иницијативи во организација на ОН, Обединетото Кралство, Франција и на Италија.

Димитров ќе има работни средби и со министрите за надворешни работи на земјите членки на Јадранската повелба (А5), иницијатива со која оваа година претседава Република Македонија.