За два дена вакцинирани над 1.500 лица во рамки на кампањата за имунизација против ковид-19

LinkSense.mk

Над 1.500 лица за два дена се вакцинирани со прва и трета доза во рамки на широката кампања за имунизација за заштита на ризичното население од тешка форма на ковид-19, информираше вчера Министерството за здравство.

Преку СМС пораки, како што посочуваат, ги повикуваат лицата од ризичната група над 65 годиникако и помлади лица со коморбидитети, кои сè уште не се заштитени со соодветна доза вакцина да се имунизираат, во точно определен термин и пункт, закажани преку „МојТермин”.

Од Министерството истакнуваат дека сите вакцини кои се користат во моментот се сигурни и безбедни и штитат од тешки форми на ковид-19.

Вчера, беа регистрирани нови 124 случаи со ковид-19 од направени 1.209 тестови или 10 отсто. Од вкупниот број на позитивни (124), регистрирани се 22 реинфекции. Починати се седум лица, меѓу кои и 36-годишен пациент.  Кај сите починати лица регистрирани се коморбидитети.

Досега во земјата се направени вкупно 1.908.017 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 299.766, бројот на оздравени пациенти е 288.235, на починати 9.086 а на активни случаи изнесува 2.445.

Според епидемиолошки анализи во моментов најмногу активни случаи има во Скопје – 1354, по што следуваат Прилеп – 136, Битола – 126, Куманово – 113, Велес – 100. Во другите градови има под 100 активни случаи, а во Пехчево и Дојран по еден случај.