За Хрватска премногу важно е Скопје да ги почне преговорите со ЕУ

LinkSense.mk

Силна поддршка од Хрватска за почеток на преговори на Северна Македонија со ЕУ упати вчера од Скопје шефот на хрватската дипломатија Гордан Грлиќ Радман. Тој рече дека е премногу важно Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ и ова прашање да се најде на агендата на Самитот на Унијата на 23 и 24 јуни. На прашањето дали има шанса за кревање на ветото тој одговори дека технички се е можно. Во меѓувреме бугарскиот Парламент започна со сослушување на министерката за надворешни работи во оставка Теодора Генчовска за процесот на пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ и одлуката за одобрување рамката за преговори, проследено со расправии и меѓусебни обвинувања.

Отворањето пристапни преговори би бил не само политички, туку и важен психолошки момент и за граѓаните на Северна Македонија, бидејќи 17 години чекате тоа да се случи. Северна Македонија направи се што требаше, го смени и името, направивте големи реформи, покажавте дека сте проевропски и со отворањето преговори ќе се отвори и ново поглавје на евроската перспектива, изјави Грлиќ Радман на прес-конференцијата во Скопје со неговиот македонски колега Бујар Османи.

Грлиќ Радман потенцира дека почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, не е само во интерес на државава, туку и во интерес и на целата ЕУ, па и подеднакво и на Хрватска, бидејќи, вели, мора да ја имаме пошироката слика на широката слика на случувањата.

„Преважно е ова прашање да се најде повторно на агендата на Советот на ЕУ, сметам дека технички се е возможно, тоа е за една седмица, очекуваме, се надеваме на свикување на меѓувладина конференција, тука е битно е и француското претседателство и влијанието на водечките земји во ЕУ, нагласи Грлиќ Радман.

Тој истакна дека Северна Македонија е најдобар показател во однос на сите земји од Западен Балкан што остварија голем напредок.

„Вложуваме големи напори од наша страна да увериме за неопходноста и важноста на пристапните преговори со Северна Македонија. Друго не можам да кажам, бидејќи имам исти сознанија како и министерот Османи, рече Радман.

Хрватскиот министер оцени дека ЕУ треба посилно да биде присутна во земјите од Западен Балкан, и секогаш, рече, како министер присутен на состаноците за надворешни работи, ја истакнувал важноста од посилна присутност на ЕУ на Западен Балкан, и дека тоа е од суштинска важност за безбедноста, за иднината, просперитетот и оти присутноста на Европската Унија е знак дека тоа е геополитички простор на Унијата.

„Земјите од Западен Балкан се опкружени со членки на ЕУ и на НАТО, а Северна Македонија исто така е и членка на НАТО и затоа кога говориме за безбедноста, зборуваме и за превенција од влијанија од трети земји и превенција од прелевање на судирот. Силно ја осудивме руската агресија врз суверена земја, што е без преседан во 21 век, нарушен е светскиот поредок, истакна Грлиќ Радман.

Османи од своја страна рече дека сме во очекување да видиме како ќе ги продолжиме разговорите со Бугарија. Времето е кратко, очите на 18 милиони луѓе од Западен Балкан се свртени кон Софија каква одлука ќе преземе. Ова не е веќе прашање дали Северна Македонија ќе ги продолжи преговорите, ова е прашање дали Западен Балкан има воопшто европска перспектива, нагласи тој.

Тој дводневните целодневни разговори со бугарската делегација предводена од министерката Теодора Генчовска минатиот викенд ги оцени како едни од подобрите и како охрабрување за продолжување на тие разговори, но, вели, се случи тоа што се случи со Владата во Софија и сега сме во очекување да видиме што понатаму, како ќе ги продолжиме тие разговори.

„Се разбира времето е кратко. Во прашање се денови во рацете на Бугарија, земја којашто 2018 ја врати европската агенда на Западен Балкан преку Самитот во Софија, потоа ја запечати таа агенда Загреб во текот на нивното претседателство. Дали сега пак во Софија ќе се погребе, за жал, ќе користам таков збор, таа перспектива на Западен Балкан, очите на 18 милиони луѓе се свртени кон Софија каква одлука ќе преземе. Мислам дека граѓаните на Република Бугарија не сакаат да бидат кочничари на европската иднина на 18 милиони граѓани, бидејќи ова не е веќе прашање дали Северна Македонија ќе ги продолжи преговорите, ова е прашање дали Западен Балкан има воопшто европска перспектива. Јас се надевам дека бугарските политичари ќе се издигнат на нивото на задачата којашто ја имаат и нема да дозволат во Софија да се изгради споменик на гробот на најуспешната политика на ЕУ во последните 75 години, а тоа е политиката на проширување. Уште сум оптимист дека во овие турбулентни времиња секој ќе ја разбере својата улога, ќе преземе стратешко лидерство и ќе испрати порака кон граѓаните на Западен Балкан дека тие се тука во срцето на Европа, и дека еден ден ќе бидат дел од ЕУ, нагласи Османи.

Запрашан за оптимизмот дека и во овие десетина дена може нешто да се направи, тој подвлече дека доколку се има политичка волја има доволно основа од досегашните разговори утре да се завршат тие разговори да се постигне договор.

„Доколку се има политичка волја има доволно основа од досегашните разговори утре да се завршат тие разговори да се постигне договор, доколку се има политичка волја. Ние имаме политичка волја, спремни сме да продолжиме еве веднаш после оваа прес-конференција со разговорите. Чекаме друга страна да имаме за да продолжиме со тие разговори. Така што, ние не одбројуваме денови, ЕУ одбројува денови каква порака ќе прати на 18 милиони граѓани на Западен Балкан,бидејќи реков ова веќе не е прашање на Северна Македонија, ова е прашање на однос помеѓу ЕУ и Западен Балкан. Дали тие односи ќе бидат киднапирани, дали тие односи ќе бидат ревитализирани, тоа е одлука што треба да ја донесе ЕУ. Ние од нас не се очекува никој да донесе одлука како ЕУ ќе се однесува кон Западен Балкан, но сметам дека има доволно денови, има доволно основа доколку се има политичка волја, изјави министерот Бујар Османи.

На средбата со претседателот Стево Пендаровски со Радман, било изразено очекување  за што поскоро одржување на првата меѓувладина конференција и започнување на пристапните преговори со ЕУ.

На средбата, пак, со премиерот Димитар Ковачевски, бил пренесен јасен став дека Хрватска продолжува активно да ги поддржува европските перспективи на Северна Македонија.

Како што соопшти владината прес – служба, оценето е дека почеток на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ е од важност за стабилноста на регионот, а со тоа и за самата Унија. Нагласено е дека нашата држава практикува европски вредности на политички и реформски план и дека долгоочекуваниот исчекор во евроинтеграциите е заслужен и потребен.

Шефот на хрватската дипломатија се сретна и со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, при што се согласиле дека од интерес е и на ЕУ отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија, со што ќе се даде поттик и на другите земји од Западен Балкан да останат фокусирани на европските реформи за постигнување на демократските стандарди и затоа штета ќе биде ЕУ да не ја искористи оваа историска шанса.

„За нас е клучно што сме видливи од страна на ЕУ во спроведувањето на реформската агенда и што продолжуваме да управуваме со процесите, рече Маричиќ на средбата.

Во меѓувреме, Народното собрание на Бугарија започна со сослушување на министерката за надворешни работи во оставка Теодора Генчовска за процесот на пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ и одлуката за одобрување рамката за преговори, јави дописникот на МИА од Софија.

Таа на сослушувањето рече дека бугарскиот премиер Кирил Петков ветил дека ќе го укине ветото за старт на преговорите на Северна Македонија со ЕУ до крајот на француското претседателство за време на негова средба со еврокомесарот Оливер Вархеји во февруари годинава.

„Тоа беше на мојата прва средба со еврокомесарот Оливер Вархеји. На состанокот присуствуваа седум-осум луѓе од тимот на МНР и како и на сите состаноци, од оваа средба беше подготвен меморандум. Овој меморандум е отворен и го потврдува токму тоа што вие го поставивте во вашето прашање, изјави Генчовска во одговор на прашање на пратеникот и  лидерот на националистичката партија Преродба, Костадин Костадинов.

Како што јави БГНЕС, Костадинов при денешното сослушување на Генчовска на седница на бугарското Собрание ја праша дали на средба со Вархеји на 17 февруари, Петков се обврзал дека Бугарија ќе го укине ветото за старт на преговорите на земјава со ЕУ до крајот на француското претседателство, односно до крајот на јуни.

Претходно, Генчовска во обраќање пред бугарските пратеници изјави дека Петков испратил предлог со кој практично целосно се ревидира Рамковната позиција донесена од Народното собрание и Владата на Бугарија, но тој беше одбиен од МНР.

Генчовска оцени дека преговорите напредуваат, но има и прашања кои остануваат отворени за решавање. Еден од нив, како што наведе, е „формулацијата на т.н. македонски јазик во историска и етничка смисла“.

„Уште кога ја презедов функцијата министер за надворешни работи, на првата средба со министерот за надворешни работи на Република Македонија, Бујар Османи, кажав: комуницирајте само со мене. За жал, тоа не се случи. Претставниците на Република Северна Македонија продолжија да бараат контакт надвор од МНР со цел да се отстрани клучното бугарско барање – Механизмот за следење на спроведувањето на Договорот за добрососедство од 2017 година, рече Генчовска.

На 5 април годинава, како што посочи таа, советникот за надворешна политика на премиерот испратил нацрт за ажурирање на Рамковната позиција, којшто сугерирал ревизија на националната позиција на Бугарија.

„Нацртот на таа нова Рамковна позиција не го вклучува бугарскиот став за т.н. македонски јазик. Барањето за европски гаранции во однос на Договорот од 2017 година станува неодржливо. Практично, овој проект ги комбинира парцијалните идеи на МНР за имплементација на билатералниот договор, но без јасен механизам за спроведување на договорот. МНР оцени дека документот е целосно погрешен и го отфрли како можност, рече Генчовска.

Според неа, главниот проблем бил што додека МНР се обидувало да преговара, на друго место се создавал впечаток дека Бугарија може да се согласи и на помалку и оти е подготвена за отстапки.

Таа наведе дека има четири теми за кои треба да се направи напредок за да се заштитат бугарските национални интереси: имплементација на Договорот од 2017 година, вклучување на Бугарите во Уставот на Република Северна Македонија, зачувување на бугарската позиција за јазикот на соседната земја и вклучување на гаранции за сите овие прашања во преговарачката рамка на земјава со ЕУ.

Според неа, во преговарачката рамка на земјава со Европската Унија „ќе има механизам кој ги гарантира правата на Бугарите во Република Северна Македонија“.

Таа во обраќањето пред бугарското Собрание прескокна дел од својот говор, поради, како што рече, „строго доверливи“ информации, откако пратениците решија нејзиното сослушување да биде на отворена седница, иако расправата првично почна зад затворени врати.

Генчовска рече дека „документот поврзан со јазикот во Скопје бил декларирана како строго доверлив во Парламентот“, а претседателот на Собранието, Никола Минчев најави дека пратениците можат да се запознаат со него на лице место во тајните деловодства на Собранието.

Премиерот Кирил Петков, пак, по вчерашната владина седница, рече дека темата Северна Македонија се користи за да се одвлече вниманието.

„Борбата против мафијата продолжува. Не паѓајте во замката да се обидувате да го одвлечете вниманието на јавноста, рече тој, јави Бгнес.

Според него веста вчера е извештајот на меѓуресорската комисија меѓу министерствата за финансии и регионален развој, која констатирала прекршоци од околу 2,5 милијарди лева во областа на градежништвото.

Кирил Петков потврди дека Владата ја усвоила одлуката со која се предвидува сите предлози од француското претседателство со Советот на Европската унија или од некоја земја членка на тема Република Северна Македонија и преговорите за нејзино членство во ЕУ да бидат разгледани во собраниска Комисија за надворешна политика.

„Ниту еден политичар отсега не може да каже дека владата може да дејствува еднострано. Одлуката е на парламентот, нагласи Кирил Петков. /MИА/.