ЗНМ: МПМ ги понижува новинарите

Здружението на новинарите на Македонија изразува загриженост поради опасноста Медиа принт Македонија (МПМ), која поседува пет весници и еден интернент портал, да оди под стечај, се наведува во соопштението што денеска ЗНМ го лиферуваше во јавноста.

Намерата на сопствениците и менаџерите на МПМ, велат од македонското новинарско здружение, не е да ја решат кризата во компанијата, туку полека да ги згаснат весниците преку постојано отпуштање на новинарите.

Тоа, според ЗНМ, не претставува само кршење на работничките права на новинарите, туку е и силен удар врз слободата на медиумите.

Драстичното намалување на тиражите на весниците и наприходите од огласи е поради погрешните политики на менаџментот на компанијата, кои преку послушни уредници некритички ги поддржуваа политиките на владеачката партија, ВМРО-ДПМНЕ

„Обидите за преземање на дел од вработените во новата сестриснка фирма преку огласи претставува понижување за новинарите и опасност за отпушање на неподобните“, стои во соопштението.

Меѓу другото, од ЗНМ го обвинуваат менаџментот на фирмата дека нема храброст да признае дека неуспехот на копанијата е негов неуспех.

„Место да ги отстранат причините што ја преизведоа кризата, тие брутално се пресметуваат со новинарите.“

Тивкото пропаѓање на МПМ е најдобар пример дека партискиот печат во Македонија нема иднина. Само слободното и професионалното новинарство може да создаде самоодржливи медиуми, кои одговорно ќе ја одиграат нивната улога во демократијата,да ги информираат граѓаните и да ја контролираат власта.

ЗНМ се солидаризира со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во нивните барања да се отпочне дијалог помеѓу синдикатот и менаџментот на МПМ со цел изнаоѓање на одржливо решение во интерес на новинарите.