Политичките односи меѓу Република Македонија и Република Албанија бележат позитивен тренд на развој, со континуиран политички дијалог и учество во заедничките иницијативи и активности на билатерално, регионално и мултилатерално ниво.
Двете земји споделуваат идентични надворешно-политички цели во контекст на европските интеграции, добрососедските односи и регионалната соработка, како клучни предуслови за стабилност и просперитет на регионот, заклучија на денешната средба претседателот на државата Ѓорге Иванов и претседателот на Собранието на Република Албанија, Грамоз Ручи.
Иванов и Ручи оценија дека парламентарната соработка може дополнително да се развива преку интензивирање на контактите помеѓу парламентарните тела и комисии.
Како што соопшти Кабинетот на Иванов, на средбата беа разгледани можностите за соработка меѓу двете земји во контекст на интеграцијата во ЕУ, а од македонска страна беше изразено очекувањето за активна поддршка од Република Албанија во однос на членството во НАТО.
На средбата беше истакната и потребата за заедничка посветеност за забрзување на реализацијата на тековните инфраструктурни проекти, како и унапредување на економската соработка меѓу двете земји.
Македонскиот претседател изрази задоволство од усвојувањето на Законот за малцинства од страна на Парламентот на Република Албанија, како и очекување дека ќе придонесе за подобра заштита и афирмација на културните и јазичните и идентитетски одлики на етничките Македонци во Албанија.







