Турските власти го идентификуваа напаѓачот кој во новогодишната ноќ уби 39 луѓе во ноќен клуб во Истанбул, изјави денес министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.
„Утврден е идентитетот на лицето одговорно за истанбулскиот напад“, вели Чавушоглу.
Чавушоглу, меѓутоа, не даде други детали за напаѓачот кој на дочекот на Новата година во познатата дискотека
Реина со автоматска пушка го изврши терористичкиот напад.
Напаѓачот сеуште е во бегство.
Утринава турската полиција уапси пет припадници на Исламска држава поради сомнение дека се поврзани со злосторството.
Тие се уапсени во акција во пристаништето во Измир.
Акцијата на полицијата била насочена на три семејства кои дошле во Измир пред околу 20 дена од градот Коња во централниот дел на Турција, каде што, како што се верува, напаѓачот живеел пред нападот.
Досега се уапсени 16 лица осомничени за поврзаност со нападот.