Идлиб повторно мегдан за Ердоган и Путин

– Ситуацијата во северозападна Сирија е се потензична откако сириските владини сили нападнаа позиции на протурските ориентирани бунтовници, а потоа уследи одмазда односно беше соборен хеликоптер на сириската Влада.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска изјави дека најмалку 14 војници се загинати во два ракетни напади во Идлиб.

Дел од руските медиуми објавија дека сириската армија ги опколува турските набљудувачки пунктови во Идлиб.

Ердоган денеска се закани дека Турција ќе ги нападне сириските владини сили каде било во северна Сирија, ако уште еден турски војник биде повреден.

Тој додаде дека Турција е одлучна до крајот на февруари да ги потисне сириските владини сили зад турските набљудувачки пунктови во северозападната покраина Идлиб.

– Тоа ќе го направиме на кој било начин, од воздух или од земја, посочи Ердоган.

Но, не е јасно кон кого е упатена заканата, дали кон сирискиот претседател Башар ал Асад или пак кон рускиот претседател Владимир Путин, без чија помош сириските провладини сили не би опстоиле во повеќегодишните борби во Сирија.

На заканите од Ердоган одговори Кремљ.

– Сириските сили во Идлиб напаѓаат само терористи, а не цивили, наведе портпаролот на Путин, Дмитриј Песков.

Тој додаде дека акциите на сириските сили „се насочени кон неутрализирање на терористите и нивните агресивни активности“.

Песков, исто така, ја обвини Турција дека не се придржува до договорот со Москва за неутрализирање на милитантите во Идлиб, како и дека продолжуваат нападите врз сириските и руските сили.

Поради новонастаната ситуација во сириската провинција Идлиб, шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу најави дека делегација од Турција следните денови ќе пристигне во Москва.

Претходно, Кремљ соопшти дека на барање на Анкара, рускиот и турскиот претседател Владимир Путин и Реџеп Тајип Ердоган телефонски разговараа за деескалација на кризата во Сирија.

– Во разговорот беше потенцирано значењето на целосна примена на руско-турскиот договор, вклучително и меморандумот од Сочи, потпишан на 17 септември 2018 година. Се разгледуваа различни аспекти за уредување на сириската криза, првенствено влошената ситуација во зоната за деескалација во Идлиб, соопшти Кремљ.

Ердоган претходно побара од Путин да изврши притисок врз сирискиот претседател Башар ал Асад за тензичната ситуација со турските набљудувачки пунктови во Идлиб.

Тој бара сириската армија да го запре напредувањето во провинцијата Идлиб и да се повлече од турските набљудувачки пунктови до крајот на февруари.