Британец, за кој се верува дека боледувал од Ковид подолго од кој било друг во светот, дури 411 дена, преживеа и закрепнува, пишува Скај Њус (Sky News).
Пациентот, кој имал ослабен имунолошки систем после трансплантација на бубрег, првпат беше позитивен на вирусот во декември 2020 година.
И покрај тоа што после некое време повеќе немал симптоми, тестот му бил позитивен до јануари 2022 година.
Лекарите во болницата „Св.
Томас“ во Лондон велат дека не знаат за ниту еден друг ваков случај, дека лицето е излечено по толку долга инфекција.
Користејќи генетска анализа, тие утврдија дека неименуваниот 59-годишник сè уште има рана варијанта на изворниот вид на вирусот од Вухан, кого во меѓувреме, во општата циркулација, го надминале алфа, делта и омикронските варијанти.
Дури кога го идентификувале видот, можеле да го лекуваат пациентот со „Регенерон“, со истиот коктел од лекови што му помогнал на Доналд Трамп да се избори со болеста.
Истиот тим лекувал и пациент со веќе постоечки здравствени проблеми кој починал откако бил позитивен на тестот 505 дена.
Во двата случаи, генетското тестирање покажало дека пациентите не биле повторно заразени.
Случаите на таква „упорна“ инфекција се разликуваат од долготрајниот ковид, каде што пациентот може да покажува симптоми со месеци или подолго, но тестот не е позитивен.
Лекарскиот тим што се занимава со овие случаите повика на дополнителни истражувања за лекувања со антитела кај таков „упорен“ Ковид, а активистите побараа новиот лек, „Евушелд“, да биде достапен во Велика Британија и во Европа.
Др. Лук Благдан Шнел вели дека некои нови варијанти на вирусот се отпорни на сите третмани со антитела достапни во Британија и Европа.
„Некои луѓе со ослабен имунолошки систем сè уште се изложени на опасност од тешка болест и трајна инфекција. Сè уште се обидуваме да го разбереме најдобриот начин за заштита и лекување на пациентите“, истакнува Шнел.
Наодите на тимот беа објавени во списанието „Clinical Infectious Diseases“.
(Фото: „Дојче Веле“)







