Израелците „уништија“ воен брод: Претставена нова ракета, рекламата предизвика бура

Еден од најголемите израелски производители во сферата на воената индустрија, компанијата „Рафаел“ (Rafael Advanced Defense Systems), го претстави новиот високо развиен и мошне прецизен ракетен систем од петтата генерација со долг домет „Си Брејкер“ (Sea Breaker) кој на анимирана снимка уништува руски ракетен чамец од советско производство.

Новата наведувачка ракета може да уништува цели на отворено море и на копно на одалеченост до 300 километри во услови на силно електронско спротиставување.

Според информациите на производителот, доволна е само една ракета за да се уништи брод со големина на фрегата.

Со овој ракетен систем можат да се вооружат чамци, корвети и крајбрежни високо мобилни лансирни системи „Спајдер“, исто така производ на „Рафаел“.

На анимираната снимка поставена на сајтот на компанијата прикажано е уништување на ракетен чамец со ознака 962. А, токму таков чамец, Р-17 „Шуја“ (проект 1241), од 1983 година е во составот на руската Црноморска флота.

Ракетните чамци Р-17 се градеа во СССР и во Русија од 1979 до 1996 година и беа наменети за руските поморски единици, а се продаваа и во странство, вклучувајќи го и Јемен.