Израел се враќа во „нормално“ време

Израел денеска го укина задолжителното носење маски на отворено и потполно ги отвори училиштата во рамки на најновото враќање во релативна нормалност со оглед на масовната кампања за вакцинација против Ковид-19.

Со речиси 54 отсто на вакцинираните жители од своите 9,3 милиони граѓани кои ги примија двете вакцини Фајзер – Бионтек против корона вирусот, Израел забележа драстичен пад на бројот на заразени, пренесе Ројтерс.

Носењето маски на отворено воведено пред една година, денес е укинато, но Министерството за здравство наведе дека тоа барање и понатаму се применува во затворени јавни простори и ги повика граѓаните да ги држат маските при рака.

Покрај израелските градинки и учениците од основните и средни училишта кои веќе се вратија во училишните клупи, децата од поголемите одделенија се вратија на режим пред пандемијата.

Министерството за образование наведе дека училиштата треба да продолжат да ја поттикнуваат личната хигиена, проветрување на училниците и одржување на социјалната дистанца во текот на одморите и предавањата.