Леонардо Алтобели, 91-годишен пензиониран италијански лекар, вели дека сега е конечно задоволен и дека ќе престане да студира откако денеска ќе ја добие својата петнаесетта универзитетска диплома.
„Доста е. Сега ќе престанам да студирам“, изјави тој вчера за локалните медиуми, еден ден пред да добие диплома по криминологија на новиот оддел за истражувачки науки на Универзитетот во Фоџа.
Алтобели до седумдесетата година од својот живот бил лекар по семејна медицина, но и градоначалник на родниот град, Троја, во близина на Фоџа.
Меѓу другите негови 14 универзитетски дипломи се: дипломите по право, политички науки, италијанска книжевност, филозофија, педагогија (двапати), аграрни науки, прехранбени науки и технологии, туризам, историја, биотехнологија, археологија и последното е магистрскиот труд по криминологија.
Во неговата универзитетска здравствена биографија има седум дипломи, меѓу кои се и оние за социјална медицина, спортска медицина, здравствено право и за настава по општа медицина.
„Јас сум најстариот студент на светот, но после оваа диплома имам намера да престанам да учам“, изјави Алтобели за АНСА.
„Но, сега ќе се посветам на пишувањето. На младите им порачувам да го сакаат тоа што го работат. Да ја прифатат својата работа и да ја работат со насмевка и смирено. Отсекогаш сум чувствувал страст за стекнување нови знаења и затоа се нарекувам себе си ‘студент на светот’“, истакна Алтобели.