Инвестициски комитет: Економскиот инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан нов стимул за економски раст

Економскиот инвестициски план за Западен Балкан е нов стимул за економски раст, беше истакнато на седницата на Националниот инвестициски комитет со кој претседаваше премиерот Зоран Заев заедно со евроамбасадорот Дејвид Гир.

На седницата, како што утринава соопшти владината прес- служба, била направена ревизија на единствената листа на проекти со цел да се утврди кои од нив соодветствуваат со Економскиот и инвестицискиот план на ЕУ, со кој ќе се инјектираат до девет милијарди евра во Западен Балкан во рамки на новиот инструмент за претпристапна помош наречен ИПА III.

Премиерот Заев посочил дека средствата ќе бидат насочени кон инвестиции во делот на транспортот, енергијата, зелената и дигиталната транзиција и во развојот на човечките ресурси.

– Верувам дека Економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан, ќе даде силно и позитивно влијание врз економското закрепнување на регионот, поддршка на зелена и дигитална транзиција и поттикнување на регионална интеграција кон Европската Унија. Националните институции, присутни на состанокот, ќе работат со голема посветеност, во согласност со нивните надлежности со цел да се искористат расположливите средства. Посветени сме на доброто управување што е основа за одржлив економски раст. Нашиот фокус е насочен кон поттикнување на економијата и инвестициите со спроведување на основните реформи во согласност со европските вредности, подвлекол Заев, додавајќи дека досега во земјава се реализирани над 23 проекти во вредност од околу 2,1 милијарда евра грантови и заеми.

Вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров ги посочил идните планови на Владата
во делот на имплементацијата на проектите во петте приоритетни области: транспорт, животна средина, енергетика, социјална и дигитална трансформација.

-Се одлучивме за покредибилна, подинамична и попредвидлива инвестициска агенда со зајакнато политичко управување, со цел да создадеме отпорна економија на предизвици како пандемијата, економија која ќе има сила да се избори со ненадејните удари, но и одржлива, социјално праведна и неутрална во однос на климатските промени, истакнал Димитров, додавајќи дека предизвиците ќе ги надминат со зајакнати напори во спроведувањето на структурните реформи и надминувањето на структурните слабости.

Според министерот за финансии Фатмир Бесими, земјата има добра можност да имплементира значителен дел од планот за јавни инвестиции.

– За да ги искористиме придобивките од овој план, поддржан од ИПА III, и за да се обезбеди одржлив економски раст – треба да ги спроведеме реформите од економскиот и финансискиот дијалог со ЕУ под програмите за економски реформи (ERP), препорачани во годишниот пакет за проширување. Покрај тоа, дијалогот за ERP треба да обезбеди важни насоки за инвестициски одлуки според Економскиот и инвестициски план и внимателно планирање и приоритизирање на ресурсите, рекол Бесими.

Презентација на своите секторски приоритетни проекти имале министрите за транспорт и врски, економија, животна средина и просторно планирање, земјоделство, шумарство и водостопанство, информатичко општество и администрација, труд и социјална политика, образование и наука, здравство и правда.

Онлајн присутни на состанокот биле и  претставници на Владата, амбасадорите на ЕУ, високи претставници од меѓународните финансиски институции, билатералните партнери и донаторската заедница со постојана мисија  во Северна Македонија.

Националниот инвестициски комитет е советодавно тело во кое на транспарентен начин се рангирани стратешки проекти, пред сè во делот на инфраструктурата, енергетското и транспортното поврзување на земјите од Западен Балкан и ЕУ, заштитата на животната средина и социјалната и дигиталната инфраструктура.