Инфлацијата во Турција надмина 36 отсто

LinkSense.mk

Годишната стапка на инфлација во Турција во декември 2021 година достигна 36,08 отсто, што е највисоко ниво во близу две децении, покажаа податоците на заводот за статистика во Анкара.

Инфлацијата во ноември изнесуваше 21,31 отсто. Стапката на инфлација во Турција е повеќе од двојно зголемена од летото, поттикната, меѓу другото, и од повисоките цени на храната.

Само во однос на ноември, потрошувачките цени скокнаа за 13,6 отсто, покажуваат податоците на Заводот за статистика.

Производните цени во декември пораснаа за дури 79,89 отсто во однос на истиот месец претходната година, а нивниот раст веројатно ќе се преточи во повисоки потрошувачки цени, барем до некоја мерка и со одредено временско задоцнување, забележува агенцијата ДПА.

Во услови на брзото слабеење на турската лира, што оди во тандем со растот на цените, увозот на стоки во Турција станува поскап.

Покрај тоа, цените на суровините на светскиот пазар се релативно високи, што е една од причините за тешката економска состојба, која се одразува и со високата невработеност.

Турците и во оваа година очекуваат значително поскапување на цената на енергијата. Во првите денови од новата година струјата за домаќинствата поскапе за околу 50 отсто, а за компаниите, големите потрошувачи на електрична енергија, се зголеми за повеќе од двојно, објави пазарниот регулатор за енергетика.

Ситуацијата со месеци ја влошува турската централна банка, која под притисок на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, неодамна, ја намали основната каматна стапка и покрај високата инфлација.

Централните банкари обично се борат против галопирачката инфлација со повисоки клучни каматни стапки, потсетува ДПА.

Ердоган, пак, спротивно на економската доктрина, смета дека високите каматни стапки ја поттикнуваат инфлацијата.

Лидерот на турската опозиција Кемал Киличдароглу повторно остро го критикуваше претседателот.

Економскиот гениј’ во претседателската палата расипа се што допре, напиша тој на Твитер. Опозицијата се сомнева во официјалните податоци за инфлацијата и претпоставува дека инфлацијата е поголема од онаа што е објавена.

На девизниот пазар турската лира вчера повторно се најде под притисок, а утринава ослабе за повеќе од два отсто во однос на доларот и еврото, јави агенцијата ДПА.

 

 

 

 

 

(ФотоЧ ЕПА)