Директорот на иранската организација за атомска енергија Али Акбар Салехи изјави дека Иран денеска има дури 950 тони резерви на ураниум, што е за околу 400 тони повеќе откако Техеран во 2015 година постигна нуклеарна спогодба со западните сили.
Салехи на државната телевизија рече дека тоа е доволно Иран да ја постигне својата долгогодишна цел за да набави 190.000 центрифугални машини за збогатување на ураниум.
Нуклеарната спогодба го ограничува иранското збогатување на ураниум на 3,67 отсто, што е доволно за употреба во нуклеарна централа, но е далеку под 90 отсто колку што е потребно за изработка на атомско оружје.
Меѓутоа, откако Соединетите Американски Држави во мај се повлекоа од нуклеарната спогодба со Техеран, Иран најави дека ќе го зголеми капацитетот на збогатување на ураниум за да изврши притисок на останатите потписници да се држат до спогодбата.







