Ирачката војска продолжила да напредува кон центарот на Мосул, потиснувајќи ги борците на Исламска држава, но ја успоруваат нападите од снајперисти и бомбаши самоубијци, и загриженоста за безбедноста на цивилното население.
Командантот Хајдар Фадел изјавил дека бомбаш самоубиец се обидел со автомобил да удри во војници во квартот Тахрир, но дека навремено бил спречен.
Автомобил-бомба е активиран на „безбедна оддалеченост“, рекол Фадел, но од експлозијата се срушила една куќа, при што загинаа четири цивили, а четири други се ранети.
Генерал мајорот Сами ел Ариди изјавил за агенцијата АП дека специјалните сили ги пребаруваат куќите во областите во кои се користат за бомбашки напади.
„Најголема препрека за нас се цивилите. Ние сме војници кои не се обучени да спроведуваат хуманитарни задачи“, рекол Ариди.
Ирачката војска која се пробивала кон центарот на Мосул од источните краеви на градот, ја опколи денес областа Ал Зохур, околу осум километри од центарот на најголемото упориште на бунтовниците.
Стотици цивили по доаѓањето на војската излегле од куќите и се засолниле зад линијата на војската.
Ирачката војска минатиот месец покрена голема офанзива за превземање на контролата над Мосул, вториот по големина град во државата, но наишла на силен отпор од припадниците на Исламска држава и успеа да завземе самнеколку источни области.
Исламската држава го окупираше Мосул во летото во 2014 година во изненадна операција со која завзеде речиси две третини од територијата на Ирак.