Испораката на руски природен гас не е прекината, властите имаат алтернатива ако дојде до прекин на снабдувањето

LinkSense.mk

Во земјава има непречена испорака на природен гас од Русија преку гасоводот од Бугарија и покрај тоа што руски „Газпром“ вчера ја прекина испораката на гас кон Бугарија и Полска. Надлежните смируваат и уверуваат дека има алтернатива и доколку дојде до ситуација Русија да донесе одлука да забрани извоз на природен гас за земјава, но порачуваат дека засега нема такви најави.

Сепак, земјава во моментов е целосно зависна од рускиот гас, бидејќи има само еден интерконектор со кој нашиот гасоводен систем е поврзан на бугарскиот гасовод преку кој засега се транспортира само гас од Русија.

„Испораката не е стопирана. Од наша страна се подмирени сите обврски во делот на снабдување со природен гас. Сепак, ситуацијата е комплексна и не се знае каква одлука може да биде донесена во наредните денови. Како држава и институции сме подготвени и имаме соодветни алтернативи за секаква одлука што би можела да се донесе. Такви најави како институции немаме ни од Руската Федерација ниту, пак, од Република Бугарија. Од трговците денеска добивме податоци дека во континуитет се снабдуваат со природен гас сите нивни клиенти вклучувајќи ги и компаниите во зоните и надвор од зоните, истакна министерот за економија Крешник Бектеши вчера на прес-конференција.

Според него, Бугарија не смее да направи прекин во транспортот на природен гас кон земјава и преносната мрежа мора да функционира.

„Не смее тоа да го направи согласно договорот и потребата на цевководот. Имаме количества кои се одредени за потребите на земјава и преносната мрежа мора да функционира. Тоа значи дека ако Руската Федерација не донесе одлука за прекин на испорака на природен гас во Северна Македонија, испораката треба да се одвива во континуитет и редовно, рече Бектеши.

Нагласи дека прекуграничните количества во интерконекторот со Бугарија се резервирани до 2030 година од страна на „Газпром“.

„Во случај да се раскине договорот меѓу „Бугартрансгаз“ и „Газпром“ во делот на прекуграничните количества кои се резервирани во нашиот интерконектор и во другите интерконектори во Република Бугарија тогаш слободно можеме да увеземе природен гас и преку интерконекторот што го има Република Бугарија со Република Грција, кој е поврзан на гасоводот ТАБ и обезбедува гас од Азербејџан, посочи Бектеши.

Најмногу  природен гас се троши за време на зимскиот период заради работата на топланите, а од 1 јануари до сега, како што истакна, во земјава се увезени 127 милиони нормални кубни метри природен гас или над 35 проценти од вкупната годишна потрошувачка во нашата држава која просечно е од 300 до 330 милиони.

„Од 15 октомври би требало да се увезат најмалку дополнителни 35 отсто, што значи дека околу 20 отсто од целосната потрошувачка за потребите на индустријата можеме да ги најдеме и со снабдување со компромиран природен гас. Такво искуство веќе имаме во нашата држава со работењето на ЈП „Струмица гас“. Залиха на гас нема, бидејќи немаме складишта за природен гас во земјава, но во континуитет и денеска имаме увоз на природен гас во нашата држава, посочи вчера Бектеши.

Тој потсети дека е во тек и проектот за гасна интерконекција со мрежата на ДЕСФА во Грција. Во јуни, како што најави, треба да биде објавен тендер за изведба, а се очекува целосно да биде функционален за 18 до 20 месеци. Со изградбата на овој интерконектор, додаде тој, ќе се обезбедат услови за целосна диверзификација во снабдувањето со природен гас. Дополнително, истакна Бектеши, земјава учествува и во изградбата на терминалот на ЕНEРЏИ во Александропулос, кој треба да биде готов за две до две и пол години и да обезбеди течен гас од САД.

„Генерално уделот на увозот на нафтени деривати со потекло од Русија е приближно 8 отсто во земјава. Ние сме подготвени како институции, како и компаниите дека каква и одлука да се донесе, кај нас влијанието ќе биде многу мало, минимално, потенцира Бектеши.

Министерот најави дека следната недела во Софија ќе се одржи состанок на сите министри задолжени за енергетскиот сектор од регионот за да се презентираат потребите на државите и да има континуирано снабдување со природен гас и со други енергенси на Западен Балкан.

Од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), пак, вчера порачаа дека и покрај руските најави за стопирање на испораката на природниот гас кон Бугарија сепак има техничка можност за непречен проток на природен гас од цевководот што минува низ Бугарија кон земјава, но додадоа дека состојбата зависи од одлуките на Русија.

„Цевководот што минува низ Бугарија  може да служи како транзитен вод за Северна Македонија со што техничка можност за непречен проток на природен гас кон земјава има. Според достапните информации со кои располагаме „Макпетрол“, кој е долгогодишен трговец со природен гас ги има подмирено обврските кон „Газпром“ навреме што  подразбира стабилна испорака на природен гас. Сепак, состојбата е комплексна и континуирано се следи и зависи од одлуките што Русија ќе ги донесе – дали ќе ја прошири листата на земји кон кои ќе ја стопира или ограничи испораката на природен гас, посочија од РКЕ.

Потенцираа дека во континуитет ја следат состојбата на пазарот со енергенси и во време на енергетска криза секојдневно се обезбедуваат информации од сите чинители на пазарот и упатија на нашата легислатива според која согласно членот 13, став (7) од Правилата за снабдување со природен гас, потрошувачот е должен „да обезбеди услови за користење на алтернативна енергија“ во случај да нема природен гас.

„Тоа значи дека сите кои користат природен гас се должни да имаат алтернативно гориво како што е мазут, ТНГ, компримиран природен гас (ЦНГ)  или екстра лесно гориво, порачаа од РКЕ./МИА/.