Идејата дека варијантата на корона вирусот, „омикрон“, е еден вид спасител од пандемијата е многу опасна, предупредуваат експертите.
Поедноставениот наратив е отприлика вака: „омикронот“ се шири многу брзо, а предизвикува поблаги симптоми, така што со помалку сериозно болни и починати би можеле многу брзо да развиеме колективен имунитет и со тоа пандемијата да заврши – би можеле да почнеме да ја третираме како сезонски грип.
Но, промоторите на оваа идеја во оваа оптимистичка приказна не забележуваат два фундаментални проблеми:
1) дека е многу тешко да се предвиди како вирусот САРС-КоВ-2 ќе продолжи да мутира (веќе неколку пати непријатно не изненади) и
2) дека многу луѓе кои ја од преживеаја инфекцијата (а многумина и од „омикрон“ ќе бидат тешко болни и ќе починат), дури и со поблаги симптоми, завршуваат со долг ковид (во оваа смисла би било поправилно да се користи терминот преживеан, отколку опоравен што вообичаено се користи).
Долгорочните последици ги предизвикува ковидот, а не вакцината
Овде е парадоксално дека една од клучните причини зошто луѓето одбиваат да се вакцинираат е стравот од можни долгорочни несакани ефекти од вакцината кои, наводно, би можеле да станат видливи само со текот на времето. Таквата перцепција се заснова на тоа дека вакцините се нови и експериментални и дека не се доволно долго тестирани, па не знаеме какви несакани ефекти може да се појават неколку години по вакцинацијата.
Но, сè повеќе студии покажуваат сосем спротивна слика, според која токму корона вирусот предизвикува долгорочни последици, а не вакцините дури ни после повеќе од една година откако се користат. Имено, САРС-КоВ-2 не е вообичаен респираторен вирус какви што главно го напаѓаат респираторниот систем.
Заради широката распространетост на рецептори во човечкото тело за овој вирус, тој навлегува во речиси сите клетки на телото, вклучително и срцето и мозокот, па опсегот на тешки последици е исклучително разновиден.
Вирусолозите веќе споменаа дека ковид-19 предизвикува долг ковид кај речиси половина од луѓето чија инфекција е потврдена со тестирање, дури и ако имале благи симптоми.
Според наодите на студијата, која опфати 250.000 невакцинирани возрасни и деца кај кои е дијагностициран ковид-19, објавена во престижното списание „JAMA“, учесниците во истражувањето доживеале низа здравствени проблеми поврзани со ковид-19 кои влијаеле на нивната општа благосостојба, нивната подвижност или на органски системи.
Севкупно, секој втор преживеан доживеал долгорочни манифестации на ковид-19. Стапките главно останаа постојани дури и после шест месеци, па и подолго.
Митот дека вакцините предизвикуваат неплодност
За илустрација, еден од истакнатите митови меѓу противниците на вакцинацијата е оној според кој една од несаканите нус појави на вакцинацијата може да биде неплодност.
Новите истражувања го покажа сосема спротивното. Имено, ковид-19 не само што е опасен за трудниците, туку и ја намалува плодноста, особено машката.
Една од водечките болници во Тексас, Хјустон Методист, на својата интернет страница објави листа на цела низа штетни ефекти на ковид-19 врз плодноста, кои се потврдени во бројни студии, особено кај тешко болните и хоспитализираните:
– 19% од пациентите во една студија имале непријатност во скротумот што укажува на воспаление предизвикано од вирусот во моментот на поставување на дијагнозата.
– 39% од пациентите имале клинички низок број на сперматозоиди во една кинеска студија за мажи, кои сите претходно имале барем едно дете без никаква репродуктивна помош. Функцијата на спермата била загрозена во 61% од случаите.
– 33% од примероците на сперма во една студија покажаа низок квалитет на спермата и помала подвижност. 25%, исто така, пријавиле ниско либидо, а еден пациент пријавил неуспех да постигне ерекција. Пациентките имале значителни хормонски промени, што може да биде показател за нарушувања на плодноста кај жените.
– Иранска студија која ги анализирала примероците на сперма на пациенти на секои 10 дена, во текот на 60 дена, открила нерамнотежа на слободните радикали и антиоксиданси, знаци на воспаление и активирање на патиштата кои поттикнуваат смрт на сперматозоидите. Концентрацијата на спермата е намалена за пет пати, а активноста за два пати.
– Италијанска студија која од испитаниците преку онлајн анкета побара да пријават дијагноза на ковид-19 и симптоми на еректилна дисфункција, покажа дека болеста го зголемува ризикот за речиси шест пати.
Обдукциите на починатите пациенти го покажа следново:
– 50% од биопсиите во една студија на Флорида покажале намалена способност за производство на сперма. 17% покажале знаци на воспаление на тестисите.
– Вообичаени се штетните промени во семените тубули во кои се развиваат сперматозоидите, како и оток и „загушување“ на тестисите, што е знак за локализирана инфекција.
– Констатиран е оток и застој на скротумот, пронајдени се црвени крвни зрнца во тестисите и епидидимисот, цевчињата низ која тече спермата и разредување на семените тубули и високо ниво на мртва сперма.
Сè уште не е познато колку се трајни овие последици и до кој степен се предизвикани од варијантата „омикрон“. Но, нема причина да се верува дека „омикрон“ нема да има сличен ефект како претходните варијанти.
Една нова студија на случај објавена во списанието „International Journal of Medicine“ покажа дека ковид-19 може да резултира со долгорочни штетни влијанија врз важните параметри на машката плодност, особено на ДНК и морфологијата на спермата.
Во овој случај, видовме дека дури и блага инфекција може да резултира со долготрајни промени во морфологијата на спермата и интегритетот на ДНК на спермата кај мажите и дека може да потрае многу подолго (повеќе од 4 месеци) отколку што се мислеше претходно (70-90 дена), за се врати во основната состојба на параметрите на спермата или дека на крајот може да предизвика дури и машка неплодност“, предупредуваат авторите во заклучокот.
За наведеното постојат повеќе логични објаснувања. Меѓу другото, САРС-КоВ-2 за да влезе во човечкото тело и да почне да се размножува, мора да се врзе за АЦЕ2 рецепторот, протеин кој се наоѓа на површината на клетките во устата, белите дробови, срцето и другите области во целото тело. Меѓу сите ткива во телото, машките тестиси покажуваат речиси највисоко ниво на AЦE2 експресија, што подразбира дека тие би можеле да бидат цел на вирусна инвазија.
Покрај тоа, САРС-КоВ-2 е многу сличен на вирусот САРС-КоВ-1, кој ја предизвика пандемијата на САРС во 2003 и 2004 година. А веќе порано е утврдено дека САРС-КоВ-1 целеше на истиот АЦЕ2 рецептор и дека имаше штетни ефекти врз машките полови органи.
Вакцините не предизвикуваат неплодност, напротив
Од друга страна, истражувањата за можните нус-појави од вакцините покажаа дека тие не предизвикуваат неплодност.
На пример, една студија објавена во престижното списание „JAMA“ покажа дека вакцинацијата воопшто не влијае на квалитетот на спермата – https://jamanetwork.com/journals/jama/fullarticle/2781360.
„Во оваа студија за параметрите на спермата пред и по 2 дози мРНА вакцина против Ковид-19, немало значително намалување на параметрите на спермата кај оваа мала група здрави мажи.
Бидејќи вакцините содржат мРНА, а не жив вирус, малку е веројатно дека вакцината ќе влијае на параметрите на спермата. Иако овие резултати покажаа статистички значајно зголемување на сите параметри на сперматозоидите (по вакцинацијата), големината на промената е во рамките на нормалната индивидуална варијација и на неа може да влијае регресијата на средна вредност.
Дополнително, зголемувањето може да биде последица на продолженото време на апстиненција пред да се земе друг примерок“, напишале авторите во заклучокот од студијата.
Ковид-19 ги намалува когнитивните способности
На почетокот на пандемијата забележано е дека САРС-КоВ-2 го напаѓа и нервниот систем. Некои од првите јасни симптоми кои укажуваа на оваа можност беа губењето на вкусот и мирисот и т.н. мозочна маглина.
Едно ново истражување од научници од Универзитетот „Оксфорд“, објавено на платформата „medRxiv“, ги спореди скенирањата на мозокот кај луѓе инфицирани со САРС-КоВ-2 (кај 394 пациенти позитивни на Ковид-19 кои биле позитивни на инфекција) со скенирања на 388 пациенти во контролната група.
„Идентификувавме значајни ефекти на ковид-19 во мозокот со губење на сивата материја во левиот парахипокампален гирус, левиот латерален орбитофронтален кортекс и левата инсула. Кога се гледаат низ целата кортикална површина, овие резултати се проширија на предниот сингуларен кортекс, супрамаргиналниот гирус и темпоралниот пол“, велат авторите на студијата.
Слични резултати покажало и истражување објавено во списанието „EClinicalMedicine“.
Конечно, некои нови истражувања претставени во списанието „Nature“ покажуваат дека децата родени во пандемија покажуваат намалени когнитивни способности. На пример, според една студија објавена неодамна на платформата „MedRxiv“, бебињата родени во пандемија постигнале речиси две стандардни девијации на пониски резултати во испитувањата за когнитивен развој (слично на тестовите за интелигенција) од децата родени пред пандемијата.
Исто така, се покажа дека бебињата од семејства со ниски приходи, односно од понизок социо-економски статус, доживеале најголем пад, дека момчињата биле повеќе погодени од девојчињата и дека најмногу биле погодени грубите моторни способности.
Овие наоди добиваат дополнителна тежина ако се земе предвид фактот дека бројни истражувања покажаа дека луѓето кои имаат пониски когнитивни способности во просек покажуваат помала склоност кон придржувањето кон мерките, помалку се склони кон вакцинација и дека потешко заболуваат од ковид-19.
Со други зборови, би можело да се каже дека луѓето кои не сакаат да преземаат мерки, кои во просек имаат помалку когнитивни способности, се изложени на ризик после тешко заболување да имаат уште помалку.
(Извор: Индекс.хр)