Истражување: Најмалку 50 отсто од заразата со Ковид-19 ја пренесуваат луѓе без симптоми

Американски научници утврдија дека најмалку 50 отсто од заразата со коронавирус ја пренесуваат луѓе без симптоми на болеста, објави списанието Journal of the American Medical Association.

Заменик директорот на Одделот за инфективни болести во американскиот Центар за контрола и превенција на болести и шефот на истражувањето Џеј Батлер изјави дека резултатите од нивната студија ја потенцираат важноста на носењето маски и придржувањето кон физичкото растојание.

За потребите на студијата, истражувачите ги класифицирале потенцијалните преносители на коронавирусот во три групи: симптоматски, предсимптоматски (оние кои сè уште немаат симптоми, но ќе ги развијат) и асимптоматски.

Тие потоа изработиле модел за тоа колку секоја група ќе го шири коронавирусот врз основа на денот кога луѓето се најзаразни. Како основна вредност го одредиле петтиот ден од изложеноста на коронавирус, бидејќи е утврдено дека тоа е просечно времетраење на инкубацијата. Тоа е период кога повеќето луѓе развиваат симптоми.

Моделот првично вклучува претпоставки дека 30 проценти од заразените се асимптоматски и дека нивното количество на инфективност е малку помало (75 проценти) во споредба со оние кои покажуваат или ќе развијат симптоми.

Според овие претпоставки, резултатите покажале дека само асимптоматските луѓе се одговорни за 24 проценти од инфекциите.

Но, научниците создадоа и сценарија, според кои, врвот на инфективноста е третиот, четвртиот, шестиот и седмиот ден, во кои го зголемувале и намалувале процентот на асимптоматски луѓе, како и нивната стапка на зараза во однос со останатите групи.

Во голем дел од овие сценарија, се покажало дека луѓето без симптоми (асимптоматски и предсимптоматски) пренесуваат најмалку 50 отсто од новите зарази.

– Размерите на трансмисија генерално биле над 50 проценти, без разлика на широкиот опсег на почетни вредности, истакна Батлер, додавајќи дека аналитичарите се изненадени од доследноста на резултатите.