Италија ја совлада Турција на отворањето на ЕУРО-2020

Пред 23.309 гледачи на „Олимпискиот стадион“ во Рим, репрезентацијата на Италија вечерва ја совлада Турција со 3:0 (0:0), во воведниот натпревар од 16. Европско фудбалско првенство.

Италијанската иницијатива во првото полувреме изроди само една сериозна шанса за гол, но турскиот чувар на мрежата Чакир Угурчан го одбрани ударот со глава на капитенот Џорџо Кјелини во 22. минута.

Доминацијата на домаќините вроди со плод набрзо по паузата кога турскиот дефанзивец Мерих Демирал со автогол во 53. минута и донесе водство на Италија, а 13 минути подоцна Чиро Имобиле, по лошо исфрлената топка од турскиот голман Угурчан, го удвои водството со својот 14-ти гол во дресот на Азурите.

Конечниот резултат за убедлив старт на Италија на ЕУРО-2020 го постави Лоренцо Инсиње во 79. минута.

Во вториот натпревар од воведниот коло во групата А, утре играат Велс и Швајцарија.

Вториот ден од ЕУРО2020 ќе го комплетира и првото коло во групата Б, со натпреварите меѓу Данска и Финска и Белгија – Русија.