И водата „во надлежност“ на Регулаторната комисија за енергетика

Регулаторната комисија за енергетика од 1 јануари наредната година ќе биде надлежна за утврдувањето на цената и тарифите на водните услуги на јавните комунални претпријатија и водостопанствата што се производители на сурова вода во општините со над 10.000 жители, а од 1 јануари 2019 година за сите општини во Македонија.

Претседателот на РКЕ, Димитар Петров, вчера информира дека се уште не се направени анализи дали новините ќе донесат поскапување или поевтинување на цената на водата за пиење.

„Сега сме на почеток на утврдување на подзаконските акти. Прва компанија што ни доставува податоци и ќе работи на моделот за утврдување на тарифата е „Водовод – Скопје“. Во моментов преземаме податоци од нив за да видиме дали сме тука некаде со актуелната тарифа што ја користат и онаа што ќе следува“, истакна Петров.

На јавната расправа што се водеше во Стопанската комора на Македонија се дискутираше за предлог-текстот на правилникот за начин и постапка за утврдување на тарифа за водна услуга и на регулаторна тарифа за водна услуга, како и предлог-текстот на методологијата за утврдување на водните услуги.

Овие акти треба да ја доближат и појаснат регулативата што се однесува на утврдување цена на водата т.е. нејзино управување од регулаторите.

Петров вели дека во соседните земји ова е веќе одамна направено и е во согласност со европската практика и регулатива.

Тој посочи дека ќе има тарифи за вода за пиење, за собирање и одведување на отпадните води и за прочистување на отпадните води што ќе бидат составен дел на надоместокот што ќе го плаќаат граѓаните.

Подоцна ќе се изработи и упатство за поднесување барање за тарифи за компаниите, а од РКЕ ќе им биде понудена помош во постапката за подготвување и комплетирање на барањата, бидејќи, како што кажа, станува збор за покомплицирана постапка од вообичаените.

„Компаниите треба да достават предлог-тарифа, предлог на усогласување на тарифите и бизнис-планови што се составен дел на барањето за утврдување на тарифите. Нашата улога, за разлика од другите регулирани цени на компаниите од делот на енергетиката, ќе биде различна. Регулаторна ќе доставува решение за утврдување тарифа во која се утврдува и опсег на користењето на тарифите со плус и минус проценти во однос на утврдената тарифа. Јавните комунални претпријатија имаат обврска сето тоа да го усогласат со советите на општините каде што ги даваат услугите и со градоначалникот“, појасни Петров.

За компаниите што не се подготвени и не доставиле барање или, пак, не може да се усогласат со тарифите што ги предложила РКЕ, регулаторот ќе има право да утврди регулаторна тарифа за водната услуга што ќе биде егзактна, единствена и извршна за компанијата што треба да ја применува.