И Македонија протера руски дипломат

Македонското Министерство за надворешни работи прогласи дипломат на руската Амбасада во Скопје за непожелна личност.

Во протестната нота, што на амбасадорот на Руската федерација му беше врачена на 14 мај, му се наложува на посочениот дипломат да ја напушти територијата на Македонија во рок од седум дена.

Претседателот Стево Пендаровски денеска изјави дека случајот со протерувањето на рускиот дипломат од земјава бил документиран и оти не станува збор за импровизација.

„Информиран сум од пред неколку дена за се. Од она што го видов случајот беше документиран од надлежните институции, значи не станува збор за каква било импровизација. Поради природата на работата не можам понатаму да коментирам“, рече Пендаровски.

Во врска со дадениот рок од седум дена за напуштање на државава, Пендаровски истакна дека се водело сметка и за човечкиот аспект, а не само за дипломатската конвенција.

„Се водеше сметка да не биде тоа преку ноќ, тие луѓе имаат семејства, имаат други интереси, не е хумано да постапуваме на таков начин, истакна Пендаровски.