Кабинетот на Претседателот и Интернационалната фондација за изборни системи потпишаа Меморандум за соработка

LinkSense.mk

Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија и Интернационалната фондација за изборни системи денеска потпишаа Меморандум за соработка.

Меморандумот произлегува од заемниот интерес за зајакнување на меѓусебната соработка, со цел поддршка на Кабинетот на претседателот во реализација на активности кои се спроведуваат во рамки на Претседателскиот центар за политичко образование.

Активностите заеднички ќе се реализираат во неколку области, односно, спроведување на истражувања, подготовка на анализи, организирање на едукативни семинари, јавни дебати и конференции.

Меморандумот го потпишаа генералниот секретар на Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Миле Бошњаковски и Иоана Косма, резидентен директор на Интернационалната фондација за изборни системи.

Заложбите на Претседателскиот центар се во насока на јакнење на културата на дијалог во духот на демократските вредности, заштита на човековите права и слободи, промоција на политичкиот плурализам, меѓусебната толеранција, заедништво и солидарност, придонесувајќи за севкупно вклучување на политичкото образование во формалниот и неформалниот образовен систем.