Канадски санкции за Москва поради „лажните“ референдуми

LinkSense.mk

„Канада ќе воведе нови санкции кон Москва поради ‘лажните’ руски референдуми во четирите окупирани региони на Украина“, изјави вчера премиерот Џастин Трудо.

Трудо рече дека Канада никогаш нема да ги признае резултатите од референдумот или обидот на Русија за илегална анексија на украински територии.

„Имаме намера да воведеме нови санкции против лица и ентитети кои се соучесници во овој последен обид за поткопување на принципите на државниот суверенитет и кои ја делат одговорноста за бесмисленото крвопролевање низ Украина што се случува во моментов“, рече Трудо во изјавата.

Проруските власти во окупираните украински региони известија дека мнозинството од населението гласало за приклучување кон Русија на референдумите кои Киев и Западот ги осудија како лажни.

Изјаснувањето беше спроведено во четири региони – Доњецк, Луганск, Запорожје и Керсон, кои сочинуваат околу 15 отсто од украинската територија.

Трудо вели дека Канада работи на заедничко отфрлање на „нелегитимните гласови“ со меѓународните партнери и сојузници.