Каспаров: „Не ми зборувајте дека бев во право!“

LinkSense.mk

Светски познатиот шаховски велемајстор, продемократскиот активист и еден од предводниците на руската опозиција, денеска на Твитер напиша кои потези Западот би требало да ги повлече за да го запре Путин.

„Со години ги игнориравте моите предупредувања, а сега цел ден слушам дека сум бил во право. Престанете да ми зборувате дека бев во право и слушајте што ви предлагам сега: Веднаш дајте и на Украина воена поддршка. Дајте им го сето оружје, разузнавачки информации… Финансиски уништете го воениот систем на Путин. Замрзнете ги и запленете ги руските финансии и неговите финансии и оние на неговата банда. Исфрлете ја Русија од секоја меѓународна и финансиска институција“, напиша Каспаров.

„Отповикајте ги сите дипломати од Русија. Нема смисла повеќе да се верува во некакви разговори. Новата усогласена порака треба да гласи – запрете го нападот или ќе бидете потполно изолирани. Забранете ги сите елементи на глобалниот пропаганден систем на Путин. Исклучете ги, испратете ги дома. Престанете да му помагате на диктатот во ширењето лаги и омраза“, наведе, меѓу другото, Каспаров.

„Разоткријте ги пионите на Путин низ светот“, вели продемократскиот активист.

„Најдете замена за руската нафта и гас. Притиснете го ОПЕК, зголемете го производството. Не можете да ја спасите планетата ако не ги спасите луѓето што живеат на неа. Време е за борба“, додаде некогашниот светски шаховски првак.

Каспаров на Твитер, исто така, наведува дека пуштањето на Путин да ја скрши Украина и да убие илјадници невини цивили во освојувачкава војна ќе го редефинира светскиот поредок.

„Ова немаше да се случи ако не се договорија Путин и Кси Џинпинг. Кина може да се преправа дека е неутрална, но диктатурите се држат заедно. Така мора да постапуваат и демократиите“, пишува Каспаров.