Денеска во 17 часот започнува дваесет и второто Светско првенство во фудбал. На отворањето на долгоочекуваниот Мундијал ќе се сретнат домаќинот Катар и репрезентацијата на Еквадор.
Во земјата на организаторите владее голем оптимизам за премин од групата во која се и Холандија и Сенегал. Иако реалните шанси на Катарците се многу мали, селекторот Феликс Санчез во нападот има двајца играчи од кои најмногу очекува – Акрам Афифи и Алмоез Али.
Сите фудбалери на оваа репрезентација настапуваат во домашни клубови, а над 80 отсто доаѓаат од Ал Сад и Ал Духаил.
На списокот се пет фудбалери со над 100 натпревари за националниот тим. Тука е и братот на светскиот шампион во скок во височина, Мутаз Еса Баршим, кој на последното светско првенство во САД ја прескокна пречката поставена на 2,37 сантиметри. Станува збор за Мешал Баршим, момче кое претендира да биде прв голман на репрезентацијата, но се чини дека сепак ќе биде замена за Сад Ал Шиб.
Костурот на катарската репрезентација е заедно со години, а популарниот „виолетов тим“ се собра на уште крајот на летото, што и дава своевидна предност во однос на конкуренцијата.
Селекторот на Еквадор, Густаво Алфаро, реши да не го вклучи Бајрон Кастиљо на списокот од 26 играчи. Се заради потенцијално огромен скандал.
Чиле и Перу со жалби, прво до Дисциплинската комисија на ФИФА, а потоа и до Судот за спортска арбитража, го обвинија Еквадор за малверзации. Обвинувањата беа насочени кон Бајрон Кастиљо и тоа дека во неговиот случај бил користен лажен извод од матична книга на родените за да биде регистриран како Еквадорец. Беше побарано одземање на бодови што оваа репрезентација ги освои во квалификациите.
Најголемото изненадување е без сомнение поканата за Кевин Родригез, момче кое игра во Серија Б од националното првенство на Еквадор.
Како и обично, предводник на екипата е Енер Валенсија, најдобриот стрелец во историјата на еквадорската репрезентација. Дека годините не му можат ништо, а веќе има 34, покажува и сезоната која во Фенербахче ја отвори на доминантен начин. Во првите две натпреварувачки години постигна 19 првенствени гола, а сега веќе ја надмина двоцифрената бројка на дадени голови и го носи епитетот најдобар стрелец на турската Суперлига.
Многу е неблагодарно да се прогнозира победникот на премиерниот меч, особено после медиумските шпекулации дека домашната екипа го поткупила Еквадор за да триумфира во, за нив, историскиот натпревар.







