Катастарот прави нов адресен регистар

Агенцијата за катастар на недвижности почнува активности за воспоставување нов адресен регистар на Република Македонија.

При имплементацијата на регистарот, агенцијата ќе има експертска и техничка поддршка од стручни лица од холандскиот катастар.

Во овој момент постојат повеќе бази на адресни податоци што содржат само атрибутен дел, но не е вклучена географската компонента за визуелен приказ на улиците и куќните броеви.

„Владата одлучи дека, поради недоволно прецизните законски и подзаконски одредби, стандарди за испишување на називите на улиците, како и отсуство на стандарди за нумерирање поединечни типови објекти, треба да се воспостави нов адресен регистар за сите населени места во Македонија во една централна база, во согласност со новите европски стандарди“, информираат од Катастарот.

Адресниот регистар е еден од клучните регистри во државава. Тој ќе содржи просторни и описни податоци за улиците и куќните броеви и ќе биде поврзан со регистарот на просторни единици. На тој начин, заинтересираните субјекти ќе имаат можност сите информации поврзани со адресите да ги добијат по електронски пат на брз и ефикасен начин од Агенцијата за катастар на недвижности.

Теренско собирање адресни податоци ќе се направи во четири пилот-општини во државава, Во Скопје ќе биде опфатен дел од општините Кисела Вода и Зелениково, а ќе се работи и во Свети Николе и Гостивар.

Новиот адресен регистар за четирите пилот-општини треба да биде завршен до крајот на 2017 година.