Поранешниот губернатор на Одеса и некогашен претседател на Грузија, Михаил Сакашвили денеска не успеа да влезе во Украина, иако промени две превозни средства. Киев на Сакашвили му го одзеде државјанството, но и покрај тоа тој беше упорен во намерата да ја премине украинската граница.
Прво беше во автобус полн со новинари од Полска, но на границата беше запрен, а потоа се обиде да влезе со воз. Властите во Киев не им дадоа дозвола на украинскиот машиновозач и на кондуктерите да тргнат додека во него е Сакашвили. Со него биле сопругата и 11-годишниот син, а во истиот вагон била и поранешната премиерка Јулиа Тимошенко.
Сакашвили бил замолен преку разглас да го напушти возот кој требало да тргне кон Лавов, но тој не се откажува. Во попладневните часови и понатаму беше во полскиот град недалеку од украинската граница. На новинарите им изјави дека негова цел е враќање во Украина, затоа што се чувствува Украинец и не сака да зема друго државјанство.
„Добивме задача да ги одземеме документите од Михаил сакашвили и да го вратиме во Полска“, изјави Василиј Серватјук, вториот човек на украинската гранична служба. Огорчениот Сакашвили полициската блокада на граничниот премин ја нарече циркус.
Граничниот премин Краковец денеска беше во центарот на вниманието не само на украинската и грузиската јавност, туку и многу пошироко. На преминот од саботата има голем број на полицајци. Дојдоа и приврзаници на Сакашвили, опозициски политичари, но и негови противници.
Лидерот на радикалната партија на Украина Олег Љашко изјави дека граничната полиција треба да отвори оган кога на преминот ќе се појави Сакашвили.
Вчера Сакашвили се сретна со Јулија Тимошенко, лидер на партијата Баткившчина (Татковина) во градот Жешув во Полска.
Формално, на Сакашвили му е одземено државјанството со образложение дека премолчел дека во Грузија против него се водат кривични постапки. Но, се говори дека вистинската причина е неговиот судир со Петар Порошенко заради, наводната, критика на олигарсите кои ја разграбувале Украина.
Михаил Сакашвили беше претседател на Грузија од 2004 до 2013 година после што против него се покренати повеќе кривични постапки, меѓу кои и онаа за незаконско трошење на државни пари. Затоа што беше во бегство, новите власти во Грузија му го одзедоа државјанството.








