Кина е минато: Индија е новиот мотор на глобалниот економски раст и главна инвестициска мека

LinkSense.mk

Дали Индија се позиционира како една од водечките светски суперсили заедно со САД, ЕУ и Кина? Самите стапки на раст на индиската економија, како и фактот дека Индија веќе стана најнаселена земја во светот, покажуваат дека размерите на нејзината важност растат.

Меѓутоа, сега се отвара и прашањето дали поради нејзината големина и потенцијал Индија ќе стане глобална инвестициска мека. Интересно е што дури и искусните инвеститори се изненадени од информацијата за тоа колку индиската берза била „погодна“ за инвестициите во последните 30 години.

Нирај Багват и Филип Брукс од „Велингтон Менаџмент“ се изненадија и себе си, а и клиентите на куќата за која работат, со споредбата на перформансите на клучните светски берзи во 30-годишниот период од 31 декември 1992 година до 30 март 2022 година.

Инвеститорите не беа изненадени што долгорочните приноси по секој инвестиран долар беа многу повисоки во САД отколку во Кина, но сознанието дека индиските „приноси“ беа исто така многу подобри од кинеските, шокираше многумина. Треба, сепак, да се земе предвид дека кинескиот пазар веќе подолго време е во фокусот на бројни инвеститори, додека индиските акции практично беа игнорирани.

Истражувачите споредија три индекси, американскиот СиП 500 (S&P 500), кинескиот МСЦИ (MSCI) и индискиот МСЦИ (MSCI).

Заклучокот на експертите од „Велингтон“ е едноставен, но не помалку изненадувачки: „Во Кина сè е заради владата; во Индија е сè и покрај владата“.

Оваа навидум необична теза ја објаснуваат со различни основи на економскиот раст:

„Иако Кина обезбеди доволна поддршка за индустрискиот развој во текот на деценијата, вклучително и поставување на транспортна и дистрибутивна инфраструктура од светска класа и нудење материјални субвенции, тоа не беше случај во Индија. Всушност, цената на капиталот беше далеку повисока во Индија, отколку во Кина, додека конкуренцијата меѓу ‘играчите’ во индустријата беше помала. Од друга страна, веруваме дека ова доведе до ‘преживување на најсилните’ на индискиот пазар на акции, при што многу компании кои генерираат одржливо повисоки приноси на капиталот станаа ‘победници’. Овие високи нивоа на поврат на капитал во голема мера поттикнаа силен напредок на индискиот пазар со текот на времето“, утврдија во „Велингтон“.

Постојат пет причини заради кои Индија, после Кина, може да стане нов глобален мотор на раст.

1. Инвестицискиот пејзаж на Индија брзо се менува; инвеститорите на овој голем пазар во годините што доаѓаат можат, на пример, да очекуваат цела низа интернетски, медиумски и е-трговински бизниси. Покрај тоа, индустријата моментално е само 1 процент од МСЦИ индексот за Индија и се претпоставува дека тој удел силно ќе расте – во Кина тој удел е веќе 18 проценти.

2. Одлична демографија: само урбаното население во Индија во следните 15 години ќе се зголеми за 125 милиони луѓе. Притоа, се очекува дека потрошувачката моќ на индиските домаќинства во периодот меѓу 2020 и 2030 година ќе се зголеми за околу 2,5 пати. Со трендот на намалување на трошоците за задолжување и ослободување на се поголемиот дел од приходот за широка потрошувачка, демографијата сигурно силно ќе го стимулира растот.

3. Многу компаниите од САД и ЕУ се повеќе бараат партнери во Индија за да обезбедат поголема ефикасност на ланците за снабдување, така што Индија минува низ период на експлозија на извоз. При ова, глобалниот тренд на дигитализација станува замаец за структурни промени во Индија како глобален „аутсорсинг центар“.

4. Глобалната геополитичка напнатост им додава важност на големината и позицијата на Индија. Политичките конфликти меѓу САД и Кина поволно влијаат на позиционирањето на Индија, политички и економски.

5. Во периодот од 2017 година до денес, индиската влада лансираше голем број амбициозни реформски проекти – промени во даночните правила за стоки и услуги, намалување на корпоративните даноци, приватизација на индустријата, инвестициски иницијативи, инсистирање на дигитализација, програма „Произведено во Индија“, државен план за вложување во инфраструктура од 1.500 милијарди долари во следните пет години…