Кинеската влада ги повика Русија и Украина да се вратат на дијалогот и ја отфрли како неприфатлива, секоја, каква било употреба на нуклеарно оружје, во документ од дванаесет точки објавен денеска, една година по почетокот на конфликтот.
Во документот се бара почитување на суверенитетот на сите земји, напуштање на менталитетот на Студената војна, прекин на непријателствата, продолжување на мировните преговори, решавање на хуманитарната криза, заштита на цивилите и воените затвореници, зачувување на безбедноста нуклеарни централи, намалување на стратешките ризици, олеснување на извозот на жито, запирање на едностраните санкции, одржување на стабилни ланци на снабдување и промовирање на постконфликтна обнова.
„Сите страни мора да ги охрабрат и поттикнуваат Русија и Украина да се движат во иста насока и да се вратат на директен дијалог што е можно поскоро“, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.
Министерството потврди дека „не смее да се користи нуклеарно оружје“, а од друга страна им рускиот претседател Владимир Путин со него се закани.
„Нуклеарното оружје не треба да се користи и не треба никој да се впушта во нуклеарна војна. Треба сите да се спротивстават на заканата од нуклеарно оружје или негова употреба“, се наведува во документот со наслов „Позицијата на Кина за политичкото решение на украинската криза“.
Покрај тоа, Кина бара од двете земји да избегнуваат напади врз цивили.
„Страните во конфликтот мора строго да се придржуваат до меѓународното хуманитарно право, да избегнуваат напади врз цивили и цивилни објекти“, нагласуваат од Министерството.
Оваа војна за Пекинг претставува чувствително прашање, поради неговите многу силни долгогодишни дипломатски и економски врски со Москва, забетонирани од заедничкиот интерес да бидат противтежа на Вашингтон.
Во вторникот, Кина изрази „голема загриженост“ поради конфликтот, кој „се интензивира и се повеќе е надвор од контрола“.
Официјално неутрална, Кина повикува на почитување на суверенитетот на државите, вклучувајќи ја и Украина, повикувајќи ја меѓународната заедница да ја земе предвид загриженоста на Москва за прашањето за безбедноста.
Но, се е посилен притисокот на Западот врз Пекинг, кој никогаш јавно не ја поддржал ниту критикувал руската офанзива, изразувајќи ја неколку пати својата поддршка за Москва во услови на западни санкции.
Последниве денови, американскиот државен секретар Антони Блинкен рече дека стравува од тоа дека Кина можеби размислува да испрати оружје во Русија – што Пекинг категорично го негираше.
За таканаречениот „мировен план“ на Пекинг, рано утрово се огласи Киев, порачувајќи дека тоа е „добар знак и сигнал дека Кина сака да се вклучи во глобалните настојувања да запре војната во Украина“, пишува Ројтерс, цитирајќи неименуван извор од украинската дипломатија, кој додал дека и Украина има „мировен план“, за кој се надева дека ќе ја добие поддршката од Кина.
(Фото: АФП / Александер Неменов)







