Кина со вакцини ќе ги „окупира“ Африка и Јужна Америка

Бриселскиот портал „Политико“, според податоци од интерен документ на Советот на Европа, објави дека Европската Унија значително заостанува зад Кина и САД во однос на донациите на вакцини против коронавирус.

ЕУ донирала само 7,9 милиони дози вакцини против Ковид-19, што е само четири проценти од вкупно 200 милиони дози, ветени од земјите на ЕУ, наведува порталот. Ова е значително пониско во споредба со 59,8 милиони дози веќе донирани од САД и 24,2 милиони дози донирани од Кина.

Податоците се од работен документ на Советот на Европа од 2 август.

Според „Политико“, овој документ се појавил по коментарите на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел, кој минатиот петок рече дека Европа, поради „недоволната“ испорака на вакцини во Африка и Јужна Америка, ризикува да го загуби влијанието во тие области и да и ги препушти на Кина.

„Експанзијата на Кина во Африка и Јужна Америка треба да нè загрижи и треба да нè окупира“, рече Борел.

Во Документот се прикажани договорите за продажба и донации и ги наведува регионите што се стратешки најважни за ЕУ, со многу детални слајдови за вакцините доставени до Северна Африка, Турција, Балканот и земјите од источното партнерство.

Овие слајдови содржат информации за тоа од каде доаѓа испораката, за кој производител на вакцини станува збор и колкав процент од населението во овие земји е вакцинирано.

Во областа на меѓународната дистрибуција на вакцини, сепак, ЕУ е поактивна во однос на извозот, бидејќи доставила повеќе од 503 милиони вакцини во 51 земја.

 

 

(Фото: МИА)