Кинески градови воведуваат нови мерки против коронавирусот

LinkSense.mk

Голем број кинески градови воведуваат нови мерки против коронавирусот, од затворање на деловни активности до заклучување, за да се спречат нови инфекции, додека комерцијалниот центар Шангај се подготвува за уште една кампања за масовно тестирање откако регистрираше подваријанта на омикрон.

Со оглед на тоа што Кина се држи до својата политика на „нулта ковид“ за брзо сузбивање на сите инфекции, строгите мерки на локалните власти доаѓаат и покрај малиот број случаи, во време кога голем дел од светот живее со коронавирус, коментираат светските агенции.

Централната влада на Кина соопшти дека мерките треба да бидат што е можно повеќе насочени за да се минимизира штетата врз економијата на земјата, откако масовните карантини годинава ги нарушија глобалните синџири на снабдување и ја погодија меѓународната трговија.

Високо преносливата подваријанта на омикрон, која предизвикува епидемии во многу земји надвор од Кина, покажува знаци на поголема способност за избегнување на реакциите на антителата предизвикани од вакцината отколку некои други подваријанти на омикрон, рекоа здравствените власти.

Откривање на една таква подваријанта во Шангај би можело да придонесе за воведување на мерки слични на заклучувањата од април и мај што ја потресоа глобалната економија и пазарите.

Властите во Шангај, најнаселениот град во Кина со 25 милиони жители, им порачаа на граѓаните во неколку области да се тестираат двапати неделно. Жителите на Шангај и онака често се тестираат за да имаат пристап до различни локации и јавен превоз.

Дневниот број на локално пренесени инфекции во Шангај се искачи на неколку десетици од 5 јули, од едноцифрен колку што изнесуваше претходно овој месец, но останува низок според глобалните стандарди.

 

 

ИЗВОР: МИА