Арктикот во следните неколку години би можел да ги доживее првите летни денови „без мраз“, објавија научниците, а пренесува германската новинска агенција ДПА.
Арктичкиот мраз се топи во текот на летните месеци, намалувајќи ја површината на замрзнатиот океан, а потоа повторно се зголемува во текот на зимските месеци.
Но, ледената покривка се намалува како резултат на глобалното затоплување, па се направени проценки кога Арктичкиот океан би можел да биде „без мраз“ во септември, кога ќе го достигне својот минимален обем на крајот на летото.
Без мраз не значи дека мраз нема да има, но научниците тоа го дефинираат како област со помалку од еден милион квадратни километри ледена покривка, што е само 20 отсто од просечната минимална покривка во 80-тите.
Ваквите услови би имале многу ефекти, од зголемување на затоплувањето преку намалување на капацитетот за отфрлање топлина на белиот мраз и крајбрежната ерозија, до притисок врз дивите животни, како што се поларните мечки, предизвикувајќи преселување на нови видови риби во Арктичкиот океан и зголемување на бројот на човечките активности, како што е поморскиот транспорт.
Студијата на Универзитетот „Колорадо Болдер“ во САД ги анализирала постоечките податоци за предвидувањата за движењето на морскиот мраз и податоците за покриеноста со морски мраз од климатските модели за да се види како Арктикот, во иднина, би можел да се менува на дневна основа.
Во студијата објавена во списанието „Природните осврти на Земјата и животната средина“ се истакнува дека најраниот септември без мраз би можел да се случи помеѓу 2020-тите и 2030-тите, врз основа на сите проценки за количината на стакленички гасови што луѓето ги испуштаат во атмосферата, а веројатно ќе се случи до 2050 година.
Научниците велат дека сите претходни проценки за Арктикот без мраз беа фокусирани на просечните месечни услови за септември, а не на поединечни денови.
Нивната анализа покажува дека тоа би можело да се случува на дневна основа, а не на месечна, и тоа години порано.
Александра Јан, вонредна професорка по атмосферски и океански науки на Болдер, рече:
„Кога станува збор за соопштување на она што научниците очекуваат да се случи на Арктикот, важно е да се предвиди кога би можеле да ги видиме првите услови без мраз на Арктикот во дневните сателитски податоци.“
Научниците открија дека првата појава без мраз на дневна основа се очекува четири години порано отколку за цел септември, а може да се случи 10 или повеќе години порано.
Тоа значи дека условите без мраз во дневните сателитски набљудувања можат да се појават дури и порано отколку во месечните модели, а потенцијално во 2020-тите, се наведува во студијата.
Во студијата, исто така, стои дека Арктикот би можел често да биде без мраз во септември помеѓу 2035 и 2067 година, според сценаријата со високи емисии на штетни гасови, со мало одлагање, можно при сценарија со помали емисии.
Според сценариото за средни емисии, каде што светот моментално се наоѓа, Арктикот би можел да остане без мраз само од август до октомври, а под највисоко ниво на емисии би можел да има минимални услови за мраз до девет месеци годишно до крајот на овој век.
Арктичкиот морски мраз може брзо да се врати доколку температурите се намалат, велат научниците.
„За разлика од ледената покривка на Гренланд, на која и беа потребни илјадници години за да се формира, дури и ако го стопиме целиот арктички морски мраз и потоа сфатиме како во иднина да го вратиме CO2 од атмосферата за да го промениме затоплувањето, морскиот мраз ќе се врати за една деценија“, децидна е професорката Јан.