Ковачевски: Бележиме историски најниска невработеност

„Економските мерки и политики што ги реализира Владата предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и премиерот Зоран Заев даваат резултати. Тоа е потврдено и преку бројни статистички податоци од надлежните институции. Навремените и ефикасни економски мерки што ги преземавме за време на кризата со коронависрусот придонесоа последиците да бидат надминати и денес да имаме економија која е стабилна, динамична и развојна“, рече на денешната прес конференција Димитар Ковачевски, член на Извршниот одбор на партијата.

Стапката на невработеност на крајот на првиот квартал од 2021 година, потенцираше тој, паднала на историско најниско ниво од 16 отсто. Истовремено, пак, стапката на вработеност, втор квартал по ред, посочи, се зголемува. Од 46,8 отсто на крајот на 2020 година, сега државата имала стапка на вработеност од 47,1 отсто.

„Ова значи дека во текот на првите три месеци од 2021 година кога целата светска економија сè уште беше под удар од коронакризата, кај нас се отворија околу 3.500 нови работни места. Платите континуирано растат и во услови на пандемија. Просечната месечна нето – плата во март 2021 година изнесува 28.217,00 денари, што е за 6,8 отсто е повисока од истиот месец во 2020 година. Расте и индустриското производство, кое во април оваа година бележи раст од 46,1 отсто. Трендот е нагорен и очекуваме наскоро да го надминеме нивото од 2019 година“, информираше Ковачевски.

Забележан бил и раст на извозот. Во перидот јануари – април 2021 година тој е зголемен за 40,7 осто во однос на истиот период 2020 година. Сите економски податоци потврдувале дека македонската економија е стабилна и ќе расте. Сега следува период на забрзан економски раст кој ќе бил стимулиран преку Интервентниот план за инвестиции со вкупна вредност од околу 8,1 милијарди евра за периодот 2021-2027 година.

„Овој план предвидува реализација на клучни проекти кој ќе придонесат кон градење на брзо растечка економија. СДСМ како одговорна партија продолжува да креира и реализира мерки и политики, кои обезбедуваат стабилност, одржливот на македонската економија и повисоки стапки на економски раст“, заклучи Ковачевски.