Ковачевски ветува повисоки плати и пензии, реформи во судството…

LinkSense.mk

Мандатарот Димитар Ковачевски во предлог-програмата за работа на владата за периодот 2022-2024 ги наведе своите визии и идеи за тоа како размислува Македонија да ја направи подобро место за живеење.

Во неа се опфатени сите сегменти што се во доменот на работата на владата, а очекувањата на идниот премиер се дека со посветена работа ќе успее да се справи со сите предизвици.

Прв приоритет за оваа година ќе претставува националниот одговор на енергетската криза. Во таа насока се планирани краткорочни мерки, но главната цел е да се започне со енергетска транзиција што ќе овозможи Македонија да ги стекне својата енергетска самостојност и независност базирани на обновливи извори на енергија, со зелена, достапна за сите и ценовно ефективна енергија.

Втор приоритет е задржување и подобрување на животниот стандард на граѓаните и поддршка на компаниите, интензивирање на политиките за забрзан економски раст и развој на државата, зголемување на домашните и на странските инвестиции и зголемување на минималната и просечната плата и на пензиите.

Клучна цел на владата ќе биде креирање на забрзан и одржлив раст на економијата и пораст на Бруто домашниот производ. Приватниот сектор и најпогодените дејности и области и понатаму ќе бидат финансиски поддржани.

„Ќе поддржиме раст на вкупната активност на бизнис-секторот преку воведување нови начини за пристап до капитал, инструменти, фондови и извори на финансирање со кои предвидуваме привлекување на инвестиции од приватниот сектор“, се наведува во програмата.

Се планира рапидно зголемување на реализацијата на капиталните инвестиции, Коридорот 8 и регионалните и локалните инфраструктурни проекти. Предвидени се политики за сериозно намалување на неформалната економија и даночната евазија.

Целта на владата е да обезбеди праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем, кој ќе се темели на современи дигитални технологии и иновации во оданочувањето. А, ќе се следат и насоките на ЕУ во делот на криптовалутите.

Новата влада, исто така, најавува дека ќе продолжи да работи во насока на заштитата на природната средина и дека ќе ги следи новата стратегија и план за обновување на економската, социјалната и еколошката компонента на ЕУ во борбата против климатските промени и загубата на биолошката разновидност. 

Во програмата уште се предвидува и продолжување на финансиската поддршка на земјоделството преку субвенции, грантови за младите земјоделци, поддршка за набавка на нова механизација, поддршка за развој на микро и мали компании во рурални подрачја и слично. 

Во областа на туризмот ќе се обезбедат многу можности за домашните туристи, заради враќање на туризмот и зајакнување на домашната економија.

Политиките за развој на општините ќе продолжат со фискална децентрализација и рамномерен регионален развој, а при користењето државни пари, општините ќе мора да бидат максимално транспарентни.

Во својот мандат во делот на социјалната заштита новата влада ќе се фокусира на заштита на безбедноста и здравјето при работа на граѓаните, социјалната сигурност, борбата против сиромаштијата, заштита на децата, поддршка на развојот на Ромите, унапредување на родовата еднаквост, превенција и заштита од дискриминација, изградба и реновирање на градинки и други објекти за обезбедување социјална заштита на населението. 

Се најавува квалитетно образование достапно на сите, образование што ќе создава кадри што ќе размислуваат логички и критички и ќе донесуваат заклучоци базирани на факти и анализи. Реформите во основното образование ќе продолжат, а улогата на наставникот во образовниот процес ќе биде унапредена.

Во програмата се најавува изградба на нови клинички центри во Скопје и во Штип, нова болница во Кичево и реконструкција на повеќе здравствени објекти.

Младите остануваат во фокус и на оваа влада, преку намалување на младинската невработеност и нивно вклучување во носењето одлуки.

Во програмата се најавува продолжување на реформите во судството и јавната администрација и борба со корупцијата. Се предвидуваат и мерки за зголемување на професионализацијата во институциите.

Се најавува и унапредување на демократијата во општеството и справување со штетите предизвикани од дезинформациите и поддршка и унапредување на плурализмот во медиумскиот простор.

Во делот на надворешната политика, владата ќе продолжи во насока на наоѓање решение со Бугарија преку дијалог и соработка, а членството во ЕУ останува и натаму приоритет.