Ковачевски: „Во владата има место и за Алијанса“

LinkSense.mk

„Вратата за влез во Владата е отворена за оние политички партии кои ги делат вредностите на владината коалиција и кои се за продолжување на европскиот пат на државата, бидејќи друга алтернатива немаме“, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, осврнувајќи се на разговорите со Алијанса за Албанците за приклучување кон владиното мнозинство.

„Одговорот што јас го дадов и оној што го даде претседателот на ДУИ не се разликуваат, затоа што кажав дека разговараме. Јас имав состанок со вршителот на должноста претседател на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, на којшто разговаравме за европската иднина на Северна Македонија и за одлуките што треба да се носат со широк општествен и политички консензус во Собранието. Подетално разговаравме за сите закони и реформи што треба да се носат, особено оние во делот на владеењето на правото, борбата против корупцијата и делот на економските закони, пред се со справување на економската и енергетската криза, и за сето тоа информиравме преку соопштение“, рече Ковачевски.

Патем, напомена дека за конкретни ресори и преземање на одговорности, не било разговарано, со оглед на тоа дека разговорите се воделе на ниво на политички концепт и на ниво на политички вредности.

„Ако имате некој со кого што коалицирате, тогаш прво мора да се договорат основните базични вредности на коишто ќе се базира политичката коалиција, а потоа може да се разговара за поделба на ресори и преземање на одговорност“, посочи премиерот.

Ковачевски вчера истакна дека разговорите со Алијанса, во контекст на европската иднина на земјата, ќе продолжат и доколку се усогласат по клучните принципи може да се случи проширување на владиното мнозинство.

Во контекст на изјавата на Таравари, дека партијата во овие разговори има свои црвени линии кои можеби ќе бидат пречка за да продолжат консултациите, Ковачевски посочи дека во секои разговори и преговори, нормално е секој од учесниците да има минимум услови кои мора да бидат исполнети.