„Извештајот на Европската комисија кој пред два дена ни пристигна е многу повеќе од документ. За нас, тоа е јасна верификација дека сме на добар пат и уште појасна насока на каде треба да чекориме, а чекорењето единствено е можно забрзано кон европскиот пат“, рече премиерот Димитар Ковачевски на денешниот настан „На Европскиот пат: нови реформи, нови можности”, во организација на Секретаријатот за европски прашања.
Овој извештај, истакна Ковачевски, нотира многу јасно, дека во оваа држава има два концепти.
„Првиот концепт е оној на чие чело сум јас, концепт кој предлага реформски закони, кој предлага мерки за заштита на стандардот на граѓаните, што деноноќно работи на обезбедување на енергија и ресурси за производство на енергија. Вториот концепт, пак, ги блокира сите закони во Собранието. Ако можам да разберам еден дел од таа опозиција која е цел ден на телефон со Русија, вториот дел не можам да го разберам“ нагласи премиерот.
Тој ги повика сите во Собранието да се обединат заради иднината на државата, затоа што од тие што се во пратеничките клупи, зависи колку брзо ќе се спроведат реформите.
„Јас сум убеден дека до 2030 година нашата држава може да стане членка на Европската унија, бидејќи досега 45 отсто од европското законодавство е усогласено со нашето законодавство. Ние имаме тимови, експерти кои со години се во министерствата, луѓе кои што знаат што треба да направат во делот на усогласување на законодавството. Патем, го зедовме најискусниот преговарач кој постоеше во овој регион, главниот преговарач на Хрватска којшто беше и постојан претставник на Хрватска во Унијата, кој беше советник на нивниот премиер. Тој сега е главен советник на нашиот главен преговарач. Ако сакате да играте во големата лига тогаш во тимот мора да имате играчи од голем формат“, додаде Ковачевски.
Сепак, има многу работи кои треба да ги поправиме.
„Не е доволно само да се направи закон, да се изгласа закон. Тој закон треба да се спроведе. Затоа, ги повикувам институциите кои се во делот на владеењето на правото, кои се во делот на борбата и справувањето со криминалот и корупцијата да ги засукаат ракавите и со забрзано темпо да работат на спроведување на сé она што е нотирано во Извештајот. Зошто? Затоа што за 12 месеци ќе имаме нов извештај, ама тој извештај нема да биде само едностран попис на тоа што ние правиме. Тоа ќе биде резултат на скрининг процесот кој во моментот се одвива. Тој скрининг има 2 дела, едниот е објаснувачки во кој ЕУ ни кажува што е ново направено во европското законодавство од последниот момент кога тоа е направено пред 3 години. А, во вториот дел кој сега започнува, ние ќе треба да објасниме што, до каде и во која мера имаме направено во однос на усогласувањето на законодавството, меѓутоа и во однос на спроведување на тие закони“ потенцираше Ковачевски.
Тој вели дека посветеноста на реформите кои треба да ја трансформираат и европеизираат Македонија, биле пресликани во позитивните оцени на Извештајот. Тој извештај, рече, докажувал дека реформите кои биле спроведени и се спроведуваат се одржливи и го нотирал напредокот.
„Вчера имав гостин од странство, висока делегација. Ми кажа една реченица – ‘Конечно ЕУ ве награди со преговори во јули оваа година’, Јас и кажав: ‘Би ја парафразирал вашата реченица. Ние сме тие кои го спасивме образот на ЕУ’. Зошто, затоа што како ниедна држава требаше да донесеме одлуки кои што беа тешки и кои што предизвикуваа лоши чувства кај нашите граѓани. Јас ги делам тие чувства. Прво, ние сме единствена држава која за да пристапи кон ЕУ и пред тоа кон НАТО го смени името на својата земја. Второ, јас бев дел од преговорите со Република Бугарија. Тие преговори за мене и за граѓаните на оваа држава предизвикуваа чувство, како некој со нож да ви го сече стомакот. Но, на крајот на денот треба да донесете одлука, дали државата ќе оди во ЕУ, таму каде што има економски напредок, социјална правда и таму каде што има владеење на демократијата. Или ќе седите дома, сами и изолирани, раскарани со сите“, рече Ковачевски.







